Новости

Интервју

Со Неда Маретиќ за неоткриените убавини на Будимпешта или Будимпешта каква што не ја знаеме

Неда Маретиќ ја знаеме како новинар во „Ритамот на градот“ на ТВ Тера и патувачките репортажи, но веќе извесно време таа живее во Будимпешта, Унгарија. Ковид пандемијата ги намали можностите почесто да се враќа во родниот крај, па контактот се сведува на социјалните мрежи, ако за неа тие не може да го заменат личниот контакт и комуникацијата во живо. Неда и во Унгарија продолжува со спортување, откривање на интересни места, но и со новинарството. Таа ни открива дел од неоткриените убавини на Будимпешта.

Шеталиште: Што беше она што те воодушеви кога започна да живееш во Будимпешта?
Неда: Пред се прекрасната архитектура и чистотата. Сум била неколку пати туристички претходно во овој град, но секој пат изненадува со нешто посебно. Не е ни чудо што токму принцезата Сиси го избрала за свој втор дом.Исто така како вљубеник во велосипедизмот, ме воодушеви фактот што целиот град е поврзан со велосипедски патеки, па така секојдневно ( освен кога временските услови не дозволуваат), сум на велосипед.


При посетата на Балатон, ме воодушеви гратчето на лавандата( за кое пишував во моите репортажи), Тихани.Имено тука може да пробате торта од лаванда, супа, па дури и сладолед:). Да не споменувам дека целото гратче мириса на лаванда.
Сентендре: Град на половина час од Будимпешта, град на уметниците. На секој чекор галерии, куќи во различни бои, мали ресторанчиња( дури најдов и еден типично далматински ресторан:).


Унгарската храна има доста сличности со нашата и да секако уживам во гулашот, палинкатa, лангош и добош тортата.
Кога дојдов во градот се запознав со творештвото на унгарскиот композитор Хаваши, имав задоволство да бидам на неколку негови концерти, па е на листата на мои омилени композитори.
Шеталиште: Има ли нешто што те разочара?
Неда: Искрено досега не. Овој град има толку можности што ретко ви ја нуди таа да се разочарате.


Шеталиште: Што е она што би издвоила, скриени убавини на градот кои си ги открила и во кои уживаш?
Неда: Ги обожавам бањите. Будимпешта е град со голем број на бањи, секоја од нив специфична и прекрасна. Најчесто уживам во онаа која ми е во близина на домот во рамките на спортскиот центар Дуна Арена, потоа Палатиниус, секако Шечени, Гелерт и останатите.
Она во што уживам во слободното време е и островот Маргарет со прекрасни градини. ( воодушевува јапонската, англиската). Тука доаѓам со велосипед и обожавам да ги пишувам моите текстови токму тука.


Градините на принцезата Сиси: Во Буда делот на Будимпешта, фантастично изградени со многу ретки примероци на растенија. Овде е и националната галерија и се пружа прекрасен поглед кон градот. Доколку сте во можност вечерајте во ресторанот кој е во рамките на замокот.
За сите љубители на животните 🙂 во Будимпешта постои кафе бар на мачките. Имено тука вие сте гости кај нив, ги почитувате сите правила, го пиете вашето кафе и имате одлично друштво од мачки. Тука е и големата норвешка шумска мачка:).


Градот исто така е поврзан со метро, така што покрај велосипедот тоа е мое омилено превозно средство.
Секако воодушевува Базиликата св. Стефан, особено концертите на оргули, погледот кон градот од неколкуте скај барови.
Сакам да ги посетам библиотеките кои се вистински примероци на едно време, на врвна архитектура. Во зима воодушевува лизгалиштето во близина на бањите Шечени. Морам да напоменам и дека во Будимпешта постојат неколку no kill стационари за животни, каде може да волонтирате во одреден ден, па често може да ме видите и таму.

Шеталиште: Колку е поинаков менталитетот на Унгарците за разлика од битолчаните?
Неда:Пред се би почнала од сличноста. Унгарците ме воодушевија со својата љубезност. Скоро секој знае англиски, а и да не знае ќе праша некој само за да ви помогне. Ниту еднаш не сум била во незгодна ситуација. Подготвени се постојано да ви помогнат. Она што е различно е нашата дневна доза на пиење на кафе:). Тоа тука го нема, освен кога се среќавате со пријателите. Но дека секој ден во 12 ќе бидете на Деак Ференц или покрај Дунав, тешко. Во тоа сме послични со Далматинците:).
Јазикот е тежок бидејки не е поврзан со ни една група на јазици нам блиски. Но, забележав дека има неколку зборови слични со македонскиот јазик, како и со далматинскиот.

Шеталиште: Што е она што ти недостига од Битола (секако освен семејството)?
Неда: Ми недостигаат пријателите, колегите од телевизија Тера, претставите од битолскиот театар и дружењето со актерите во бифето. Ми недостига Пелистер:). (Тука планинарам на планините Пилис). Во Битола, ако не бев некаде да снимам за патувачката емисија, секој викенд бев на Баба планина. Денес ќе кажете лесно е со социјалните мрежи па сме во контакт со пријателите и семејството, но ни една социјална мрежа не може да го замени личниот контакт и комуникација во живо.

Шеталиште: Што е она „битолското“ кое го пренесе таму?
Неда: Кафето (се се врти околу тоа:). Имено штом дојдов воспоставив контакт со македонскиот лектор Панзов, мојата најдобра пријателка е од Сплит, а имам и одлични контакти со македонската како и со хрватската амбасада, така што кога и да има некој настан поврзани сме и праќаат покани, а потоа се дружиме. Кога сте во странска држава едвај го чекате дружењето со своите, едвај чекате да зборнете на својот јазик, да слушнете македонска( и хрватска) песна. Верувајте срцето веднаш Ви затреперува кога нешто ќе Ве потсети на својата земја. Поинаку гледате на работите и повеќе ги цените некако.

Шеталиште: Иако во друга држава, не се откажа од новинарството. Кажи ни што работиш во моментот?
Неда: И додека бев во Тера постојано кажував дека кој еднаш застанал пред камерите, станува зависник од тоа мало црвено светло кое означува старт на снимањето:). Новинарството ми е во крвта. Постојано сакам да истражувам, да пишувам стории.
Овде пишувам за Женски магазин, интервјуа со некоја интересна личност или приказна, како и патувачки репортажи. Правам прилози за Тера телевизија кога има некој важен настан во градот. Тука се и интервјуата со македонските студенти, лекторот, најновите информации со заштитните мерки за вирусот Ковид, настапите на македонски уметници во Будимпешта. Од време на време правам и репортажи за патувачката емисија на Тера. Пишував до неодамна за хрватски портал на хрватската телевизија. И секако тука се сеуште ангажманите за Џез фактори фестивалот на кој сум ПР и обврските и проектите околу Хрватскиот културен центар од Битола. Би ги споменала и преводите од англиски, хрватски и македонски и обратно.

GOLD
To Top