Новости

Интервју

,,Book’s house”, Магично книжевно катче и приказна што му недостасуваше на градот – Интервју со Јулијана Делев

Мирис на книга, кафе, староградска архитектонска градба со жолти ѕидови и полици со безброј приказни. Огромни прозорци кои се протегаат до високиот таван. Посебен спокој и позитивна вибрација. Кафе и книга? Има ли подобар мевлем за храна на душата!

Се наоѓаме на кафе муабет во новото книжевно катче во Битола ,,Book’s house” во пријатно друштво на сопственичката Јулијана Делев која ни раскажа се за оваа магична приказна.

Шеталиште: Како се зачна идејата за оваа книжевна приказна?

Јулијана: Љубовта кон книгата е незаменлив извор од кого душата црпи енергија. Штом таа енергија се возвиши низ душата, настанува една посебна приказна што се рефлектира низ животот. Можеш да црпиш од тој вруток и да живееш бајка со отворени очи. Токму таа љубов кон книгите, долгогодишното дружење со страниците и напорната работа, не доведе до оформување на идејата за отварање на еден ваков простор.

Шеталиште: Што можеме да најдеме во ова книжевно ,,катче”?

Јулијана: Мислам дека во ,,Book’s house” ќе најдете буквално се што ќе посакате. Нашиот асортиман на книги е доста богат и соработуваме со повеќе издавачки куќи, па според тоа, во ова книжевно катче дефинитивно ќе ја најдете вашата т.н. книжевна храна што ќе задоволи сечиј апетит.
Освен книгите, тука можат и да се најдат и бук маркери, шолји со мотиви, честитки, колоритни тефтерчиња.

Јулијана ни раскажа дека ова е буквално остварување на нејзините соништа и некаде низ голтките кафе, мирисот на книги и пријатниот амбиент, некако се надоврзавме на приказната за нашата Битола.

Јулијана: Битола е град на културата. Град со богата историја. Тоа е нашиот конзулски моментум, универзум, нашиот свет во мало кој секогаш одново и одново шармира во свој уникум и посебен уметнички стил. Можеби понекогаш згаснува, но идејата одново да живееме во тој свет и да го славиме нашето културно наследство, секогаш повторно се раѓа.

Шеталиште: Од каде идејата за ваквиот необичниот ентериерен простор? Имате воодушевувачка замисла што ќе го следи примерот на големите светски градови. Кажете ни повеќе околу тоа.

Јулијана: Битола е срцето на Европа. А токму од тоа срце, излегуваат сите приказни. Сметавме дека ова му недостасува на нашиот град. Мислам дека многумина го делат нашето мислење судејќи по љубителите на пишуваниот збор. Што се однесува до екстериерниот и ентерирниот дел од просторот, локацијата всушност го носи тој специфичен момент носејќи не низ посебна историја што е втисната во ѕидовите на овој објект.

Шеталиште: Вашите амбиции во иднина? Што го прави ова место посебно и необично и по што се издвојува од другите?

Јулијана: Во блиска иднина, нашите планови се да направиме посебен простор – културно и книжевно катче во кое би се дружеле со кафе и муабет. Уметност, книга и кафе. Тоа е она посебно нешто кое ќе ве поврзи со ,,Book’s house”.

Евротип
SNBROKER
To Top