Новости

Интервју

Интервју со психологот Бојана Стојменовиќ: Анксиозноста е како голем црн облак кој што постојано е над вашата глава

На 20 октомври во Хотел Милениум во Битола ќе се одржи работилница насловена „Ослободи се од анксиозноста“, а работилницата ќе ја води Бојана Стојменовиќ – психолог, семеен и системски советник, практикант на игровна терапија за деца, автор на блогот Мој психолог.

По тој повод разговаравме со Бојана која подетално ни објасни за анксиозноста, свесноста на луѓето за неа, како треба да се однесуваме со лице кое има анксиозност и слично, но и збор два за работилницата во Битола, каде ќе се одржи и кој ќе може да се пријави.

Шеталиште: Брзото темпо на живот исполнето со стрес, нови предизвици и глобални промени си носи свои последици. А една од тие последици е анксиозноста. Збор, за многумина непознат, иако можеби токму тие страдаат од анксиознот. Може ли да ни објасните точно што значи анксиозноста? За каква психичка состојба станува збор?

Бојана Стојменовиќ: Анксиозноста претставува чувствување на континуиран страв, загриженост и очекување дека нешто лошо може да се случи, без притоа да има некој повод. Секој од нас во одреден дел од животот почувствувал (или ќе почувствува) анксиозност. Многу често тоа е и природен одговор на некои ситуации како што се на пример полагање на некој многу важен испит, припрема за поголема промена во животот или пак некоја многу голема и важна загуба. Кога анксиозноста се јавува како природна реакција, тогаш можеме да претпоставиме и да очекуваме дека поодредено време ќе се намали и ќе исчезне. Но, што се случува кога ова чувство се јавува пролонгирано или пак се јавува одеднаш? Личноста која што страда од анксиозност има постојано претчувство дека нешто лошо ќе се случи. Анксиозноста создава силна вознемиреност која што не може да се смири и контролира со вообичаените методи за смирување. Во случај кога анксиозноста станува многу силна може да доведе и до појава на панични напади.

Шеталиште: Како може самите луѓе да станат свесни дека можеби страдаат од анксиозност? Кои се симптомите?

Бојана Стојменовиќ: Сите ние сме со различна свесност кога на нашето физичко и ментално полему  се случуваат некои промени.Многу често поради карактеристиката на симптомите многу лица завршуваат на преглед кај матичниот доктор или пак кај некој интернист специјалист. Дури откако резултатите ќе го потврдат доброто физичко здравје, тогаш лицата се упатуваат на психолошки преглед. Некогаш пак, се случува некое лице да прочита некое интервју од ваков тип или пак некој текст и да ги препознае симптомите кај себе. На мојата Фејсбук страна Мој психолог се почести ми пристигнуваат пораки кога некое лице препознало некои од смптомите за кои што сум пишувала. Генерално симптомите на анксиозност вклучуваат: постојано повторување на исти мисли кои предвидуваат или исчекуваат катастрофи или непријатен исход, нарушување на сонот и потешкотии со спиењето- бидејќи мозокот не сака да се исклучи, пренагласени стравови и поголема сензитивност, проблеми со дигестивниот систем, мускулна напнатост, потешкотии во концентрацијата, губење на здив, болка во градите, панични напади.

Шеталиште: Дали анксиозноста кај нас е табу тема?

Бојана Стојменовиќ: Веќе одамна анксиозноста не е табу тема во светот, а ниту пак кај нас. Работилниците кои што ги одржувам на оваа тема се меѓу најпосетените, а тоа ми говори дека луѓето стануваат се поотворени и пољубопитни. Голема улога во промената која што се случува кај нас во однос на ова прашање секако ја имаме ние ние психолозите кои низ изминативе години станавме подостапни и се поприсутни во јавноста. Во однос на годините кои што ни претстојат и промените кои што тековно ќе се случат, мислам дека ќе се отворат и нови теми кои веќе нема да бидат табу во ова наше мало општество.

Шеталиште: Колку од луѓето кои ја имаат оваа психичка состојба бараат стручна помош? И која е причината кај оние кои не бараат помош, според Вашите сознанија?

Бојана Стојменовиќ: Како што и напоменав на почетокот од нашиот разговор, многу лица по сите медицински прегледи и добиени уредни резултати дека се е во ред со нивното физичко здравје, се упатуваат кон преглед кај психолог или психијатар. Секако, постојат и лица кои што самостојно увидуваат дека нешто се случува на нивниот ментален план и ги препознаваат симптомите па потоа трагаат кон соодветна помош од стручните лица. Но, не е се така розово. Не сакам да бидам сфатена дека сите лица кои што имаат анксиозност имаат психолошки третман. Постојат повеќе причини поради кои некој не бара психолошка помош и останува заробен од анксиозноста. Една од причините е распространетото мислење дека тоа е премногу скапо и дека премногу долго ќе трае, што е сосема нелогично и неточно. Менталното здравје е исто толку важно колку што е и физичкото и сметам дека треба да вложиме во него затоа што здравјето и севкупната благосостојба немаат цена. 

Шеталиште: Кои се Вашите искуства со пациентите кои имаат анксиозност? Дали може успешно да се изборат со неа и на кој начин? Како да прифатат дека имаат анксиозност?

Бојана Стојменовиќ: Од моето искуство со клиентите од мојата приватна пракса имам позитивно искуство. За да се постигне успех, мора пред се да постои заеднички терапевтски договор и заедничка реципрочна работа и доверба. Погрешно е мислењето дека психологот само слуша и на крајот ќе ви каже како да постапите и што да направите- и магично проблемот ќе исчезне. Потребно е и вложување од страна на клиентот, а кога тоа ќе се постигне- тогаш успехот е неизбежен. Пред некое време една моја клиентка ми кажа:” Бојана, откако почнавме да работиме, не можам да престанам да мислам и чувствувам како да се менувам постојано. И интересно ми е тоа, отсекогаш сум сакала да го постигнам, ама не сум знаела како.“  Секако тежината на целиот процес и на големите промени со кои што таа се соочуваше пред се беа нејзина заслуга, затоа што посветено се вложи во целата работа.

Шеталиште: Колку околината, опкружувањето може да им помогнат или одмогнат на луѓето со анксиозност?

Бојана Стојменовиќ: Кога правиме промена од внатре неминовно е таа промена да се рефлектира и да се забележи од нашето опкружување. Кога анксиозноста има улога на пример во семејниот систем, тогаш на промените најмногу ќе реагира семејниот систем и неговите членови. Кога се работи со клиентот се зема во предвид целиот негов контекст и целокупното функционирање.

Шеталиште: Како треба да се однесуваме со лице кое има анксиозност? Може ли да им се помогне?

Бојана Стојменовиќ: Доволно е да им покажете разбирање за нивната состојба и да им дадете подршка. Често пати некое лице кое што ви е навистина драго и блиско може да се соочува со анксиозност, но треба да ја одбегнете замката вие да бидете психологот кој што ќе пружи психолошка помош. Тоа би било како вие да вадите заб иако не сте стоматолог или пак да оперирате срце иако не сте кардиохирург. Одговорноста е голема  во сите наведени примери. Најмногу ќе помогнете доколку им предложите и ги упатите за стручна помош и при тоа во целокупниот процес низ кој што ќе поминуваат да им пружите ваша подршка и разбирање.

Шеталиште: Анксиозноста најчесто се меша со стравот. Може ли да ја потенцирате разликата меѓу нив?

Бојана Стојменовиќ: Анксиозноста стана и синоним за стравот. Секако, се различни поими и состојби. Стравот е емоција или доживување кое што има адаптивна и заштитна функција. Доколку шетате на планина и наидете на мечка, најверојатно прва емоција која што ќе се јави ќе биде стравот, но тој страв ќе трае додека опасноста реално постои. Кога вие ќе се скриете, а мечката ќе замине- стравот нема да биде присутен. Кај анксиозноста е малку поинаку. Стравот е доминантна емоција со која што би се опишала анксиозноста, без притоа да постои некоја објективна причина. Една моја клиентка често пати анксиозноста си ја опишуваше метафорично како голем црн облак (стравот) кој што постојано и седи над главата.

Шеталиште: Токму на оваа актуелна тема, ќе имате работилница на 20 октомври во Битола насловена „Ослободи се од анксиозноста“ на која ќе разговарате со присутните за се она што е поврзано со анксиозноста. Може ли да ни кажете што да очекуваат од работилницата оние кои ќе се пријават?

Бојана Стојменовиќ: За прв пат ќе имам работилница на оваа тема во Битола. Често пати вашиот град ми беше предложен  за место каде што би требало да одржам тематска работилница, па од таму падна и изборот, а и соработката со Здружението Златно перо. Работилницата ќе се одржи во Хотел Милениум и е предвидена да трае од  12:00 до 16:00 часот. Работилницата ќе содржи психоедукативен дел, техники кои што учесниците ќе ги вежбаат на лице место и техники кои што ќе им донесат поголем увид за себе. Ќе биде корисна за лицата кои што се соочуваат со анксиозност, за оние кои што сакаат повеќе да дознаат за оваа состојба за да знаат како да им помогнат (и препознаат), а секако и за моите идни колеги и колешки студенти по психологија и психолозите кои што работат со оваа проблематика. Сите учесници ќе добијат сертификат за учество и ќе понесат со себе ново знаење и искуство и позитивна енергија. По работилницата предвидено е мало дружење каде што сите ќе имаат можност да го споделат впечатокот од работилницата и да се консултираат со мене.

Шеталиште: За на крај, што би им порачале на нашите читатели кои сакаат да ја посетат работилницата во Битола и сакаат да дознаат нешто повеќе за анксиозноста?

Би им препорачала да се пријават и да дојдат на работилницата. Ветувам дека ќе биде позитивно искуство за сите нас. Начинот на пријавување е напишан во описот на самиот настан, а доколку некој има повеќе прашања може да ми пише порака на страната Мој психолог или пак да ме контактира лично на телефонскиот број наведен на страната.

Прв пат сум во вашиот град и искрено- едвај чекам да дојдам.

Доколку вие или некој кој го познавате се соочува со симптоми на анксиозност и панични напади,а сакате да му помогнете, не се двоумете да ја посетите оваа работилница.

GOLD
To Top