Новости

Интервју

Интервју со Лили Кадинска, модна креаторка, сопственичка на модното студио „Ле Бранд“

Пред осум години сакаше да направи бренд кој ќе биде автентичен и најдобро ќе ја отсликува неа и нејзиниот сензибилитет. Следуваа неколку учества на модните недели во Скопје и Битола и моделите на „Ле Бранд“ беа дел скоро од сите македонски продажни платформи за самостојни дизајнери. Денес „Ле Бранд“ е токму тоа што модната креаторка Лили Кадинска пред осум години сакаше да биде.

Лили Кадинска дипломирала и магистрирала на Националната уметничка академија во Софија, Бугарија. А љубовта кон креирањето отсекогаш ја носела во себе. Облеката беше секогаш првото нешто што го забележуваше, начинот на кој е комбинирана и носена и секогаш бараше решенија во сопствената глава како тоа може да изгледа поинаку.

Моментално „Ле Бранд“ функционира како мал тим со одбрани луѓе кои работат на иста цел. Се наоѓа во Битола на вториот спрат во Пелагонка 2 и таму може да се купат и нарачаат  дизајните.

Лили сака архитектура, фотографија и филм…но сака и повеќе да ја користиме облеката како средство за комуникација, а не да ја третираме тривијално како средство кое го покрива нашето тело. Голем број на дизајнери во светски рамки на прашањето од каде ја црпат својата инспирација имаат кажано дека тоа е пред се од уличната мода. А Лили би сакала да се такви и улиците на Битола. Инспиративни.

Шеталиште: Кога знаеше дека модниот дизајн ќе биде она со што понатаму ќе се занимаваш?

Лили Кадинска: Иако имав интерес кон многу други професии во помлади години, пасијата кон модата секогаш беше тука за да ме потсети и сметам дека во вистинскиот момент знаев точно што ќе биде моја професија. Па така, денес сум тоа што свесно или несвесно отсекогаш сум сакала да бидам.

Шеталиште: Како се појави љубовта кон модата, дизјанот?

Лили Кадинска: Љубовта кон креирањето отсекогаш сум ја носела во себе. Се сеќавам на детските денови кога буквално секое парче облека го деконструирав и редизајнирав во мислите. Облеката беше првото нешто што го забележував, начинот на кој е комбинирана и носена, па барав решенија во мојата глава како тоа би можело да изгледа поинаку.

Фото: Симоне Калица

Шеталиште: Како почна приказната  „Ле Бранд“?

Лили Кадинска: „Ле Бранд“ почна како идеја точно пред осум години. Со голем ентузијазам и љубов почна реализарањето на таа идеја. Малкумина знаат дека „Ле Бранд“ беше всушност тимски концепт, за кој што подоцна ја презедов целата иницијатива јас. Овие осум години тој концепт преживеа големи стилски промени во дизајнот, а се родија неколку дополнителни концепти како курсот по моделирање, конструкција и шиење на облека, исто така B2B моделот со кој веќе се реализирани неколку соработки со други дизајнери и брендови кои ги користат нашите услуги од дизајн, кроеви, прототипи, градирање и производство на мали серии. Моментално „Ле Бранд“ функционира како мал тим со одбрани луѓе кои работат на иста цел.

Шеталиште: Беше ли тешко на почетокот да се придобијат битолчани да носат моден бренд кој е автентичен, битолски?

Лили Кадинска: Верувам дека приказната на сé што е ново е најтешка токму во делот на придобивање на клиенти. Стекнувањето на довербата е подолгорочен процес, но денес може да кажам дека „Ле Бранд“ е синоним за добар дизајн, внимателно одбрани материјали, квалитетна изработка и фини завршетоци.

Шеталиште: Што е карактеристика на брендот „Ле Бранд“?

Лили Кадинска: Би рекла дека главна карактеристика е минималистичкиот и автентичен дизајн со комплексна, но логична и чиста конструкција.

Шеталиште: Кажи ни нешто повеќе за колекциите.

Лили Кадинска: Како што кажав, првата колекција на „Ле Бранд“ беше дел од тимска работа и како резултат на тоа се гледа еклектичноста во комбинирањето на материјалите, боите, кроевите. Во понатамошните колекции тој дух на концептот се прочистува за во последните колекции да стигнеме до минималистички и сведен дизајн кој нема да биде агресивен и наметлив, напротив суптилно ќе ги привлекува погледите, давајќи и совршена шанса на личноста во тоа парче облека да се изрази себе си.

Шеталиште: Она што е карактеристично за твоето модното студио е и одржување обуки и курсеви. Како се роди таа идеја?

Лили Кадинска: Веќе втора година по ред во „Ле Бранд“ се одржуваат курсеви по моделирање, конструкција на облека и шиење. Идејата се роди откако ја лоцирав потребата од истата. Моите курсисти се луѓе со различни цели. Некои од нив доаѓаат затоа што сакаат да научат сами да си прават облека, некои се идни претприемачи во оваа област, некои се мои идни колеги, па на курсот се стекнуваат со знаење кое им е потребно за да се запишат на факултети за моден дизајн.

Шеталиште: Колку си задоволна од она што досега е направено од учениците и курсистите?

Лили Кадинска: Најаважно е да се спомне дека една од работите која ме прават среќна и која сметам дека добро ја правам е пренесувањето на знаење. За да подучувате не треба да сте дел од некоја институција. Доволно е да се има знаење и компетентност и секако да се овозможат услови за тоа, а оние на кои им е потребна вашата услуга ќе ве препознаат. Задоволна сум тогаш кога гледам дека целите на моите курсисти се остваруваат со помош на курсот. Исто така, имаме досега реализирано и неколку заеднички фотосесии, а и еден многу важен проект во кој што заедно со курсистите облековме четворица матуранти од социјално загрозени семејства.

Шеталиште: Кои се  твоите идни планови поврзани со модата? Подготвуваш можеби нешто ново?

Лили Кадинска: Идните планови ми се поврзани со проширување пред се на тимот на „Ле Бранд“ и услугите кои што се нудат. Полека, но сигурно се остварува целта „Ле Бранд“ да се претвори во еден вид модна лабораторија од каде што ќе се продуцираат концепти од идеја до реализација со сите чекори помеѓу овие две крајни фази.

Актерката Кристина Христова-Николова носи модел од „Ле Бранд“ на црвениот тепих на фестивалот „Браќа Манаки“ во 2015 година

Шеталиште: Знаат ли битолчани да препознаат добро парче облека?

Лили Кадинска: Сметам дека секој човек може да препознае добро парче облека. Она што подразбирам јас под тој термин е перфектен крој, софистицирана изработка и внимателно одбран материјал. Дизајнот е нешто релативно, кое може да ни се допаѓа или не, но овие три работи погоре се стандарди кои доколку не се испочитувани можат најдобриот дизајн да го претворат во лошо парче облека.

Шеталиште: Кога би променила нешто во уличната мода во Битола, што би било тоа?

Лили Кадинска: Би сакала повеќе да ја користиме облеката како средство за комуникација, а не да ја третираме тривијално како средство кое го покрива нашето тело. Голем број на дизајнери во светски рамки на прашањето од каде ја црпат својата инспирација имаат кажано дека тоа е пред се од уличната мода. Би сакала да се такви и улиците на Битола. Инспиративни.

Шеталиште: За крај, што е она што ќе биде актуелно во наредната сезона, кои есенски бои ќе бидат актуелни?

Лили Кадинска: Модните трендови за есен/зима 2018 се движат од футуризам до враќање во осумдесетите години на минатиот. Како елемент би ги издвоила буфон ракавите, како боја сите нијанси на кафеава, како материјали и дезени се што е светкаво, лаковано и многу животински принтови,а како аксесоар би ги издвоила мини чантичките.

Маја Богоевска

GOLD
To Top