Новости

Интервју

Ивана Нолчева: Предизвик е да си дел од тимот на Авалон

Од сите земји во регионот, Скопје и Софија се единствените градови каде фановите ќе имаат шанса да го видат неверојатното шоу на Lenny Kravitz во Indoor амбиент. Тој и неговата екипа составена од 60-тина луѓе, 10 камиони и 6 автобуси пристигнуваат денес, два дена пред концертот во Скопје, кој ќе се одржи на 3 мај во ВИП Арената, во организација на Авалон продукција. По тој повод, за подготовките на концертот на Lenny Kravitz, но и за она се она што нé очекува оваа година кога се работи за концерти, поразговаравме со пиар-от на Авалон, Ивана Нолчева. Ја прашавме колку беше лесно или тешко повторно да се донесе Стинг, за соработката со Влатко Лозаноски, за подготовките на четвртото издание на Ohrid Calling, како и за новата подобра локација каде што ќе се одржува овој фестивал.

Шеталиште: За неколку дена се очекува големото шоу на еден од најголемите светски музичари, Лени Кравиц во Скопје. За концертот имаше голем интерес и е пред распродавање. Како течат подготовките и што очекувате од овој спектакл?

Ивана: Очекувано е Lenny Kravitz да настапи на распродаден концерт во Скопје, од повеќе причини. Прво, Скопје и Софија се единствените градови од Балканот кои влегоа во европската „Raise Vibration“ турнеја, второ, капацитетот во ВИП арената е драстично помал во однос на другите арени во Европа каде што тој ќе настапи, па и една од причините поради тоа што ќе има толкава посетеност е и интересот од другите држави од регионот.

Откако прв пат го објавивме концертот ни пристигнуваа многу пораки од секаде, а тоа го покажа и продажбата на билетите која уште од првиот продажен ден даде до знаење дека ќе имаме распродаден концерт. Трето, станува збор за еден од најомилените артисти на македонската публика кој после оној незаборавен концерт во 2009-та на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид кој беше исто така во организација на Авалон, дефинитивно со нетрпение сите очекуваат да дојде повторно во Македонија, овој пат во главниот град и да приреди незаборавен концерт.
Инаку, подготовките течат во најдобар ред и се` оди според планот за реализација. Ние сме спремни и ги очекуваме Lenny Kravitz и екипата да пристигнат во секое време од Австрија и да се уверат дека сме на високо ниво на задачата, како што работат сите промотери во светот, според сите светски стандарди за организација и реализација на концерти.

Шеталиште: Уште една музичка светска ѕвезда доаѓа кај нас – Авалон повторно го носи Стинг во Скопје со стадионско шоу. Какви беа впечатоците од концертот во 2017-та и колку беше тешко или лесно повторно да се донесе Стинг?

Ивана: За впечатоците од тој концерт можеби треба да ги прашате сите оние што беа на концертот. За нас како промотери доволен показател дека концертот беше повеќе од успешен беа задоволните лица на сите што беа присутни. Да не го занемариме и фактот дека дента се одржуваа парламентарните избори и на неколку часа сите заборавивме на политиката која кај нас за жал, е влезена во секоја пора. Како и да е, Sting беше победник на денот, 15-ти октомври 2017-та година, концерт кој долго ќе се памети кај сите.

Токму поради одличната организација од наша страна, задоволството на менаџментот на Sting за сработениот концерт, како и имиџот на Авалон Продукција што го ужива во Европа, успеавме лесно да потврдиме нов датум за концерт. Им ветивме на сите оние што не успеаја да дојдат до влезници за минатиот концерт и успеавме да го одржиме ветувањето – да присуствуваат на големо стадионско шоу кое ќе се одржи на 02-ри јуни на Градски. Sting доаѓа повторно со сопствена продукција, тоа ќе биде спектакуларно шоу во кое се вклучени најдобрите песни од ерата на The Police и од неговата соло кариера.

Интересот е голем за овој концерт во целиот регион, тоа го покажува и самата продажба на билетите, па така очекуваме посетеност од 20.000 фанови од целиот регион што ќе дојдат на ова шоу.

Шеталиште: Неодамна Влатко Лозаноски го имаше својот прв солистички концерт кој беше повеќе од успешен во организација на Авалон продукција. Можно ли е Лозано да е следниот ексклузивец на Авалон?

Ивана: Морам да кажам дека на сите нас во Авалон ни беше задоволство што направивме една навистина убава соработка со Влатко, која се случи сосема спонтано и природно. Разговараа со Бобан и одлучија дека време е Авалон да му направи концерт. Влатко е денес најдобриот и најквалитетниот машки вокал не само во Македонија, туку и на Балканот, кој напорно работеше за да стигне до ова ниво каде што моментално е сега. Лозано има голема база на фанови и тие го наградија со полна сала.

Тој дефинитивно тоа го заслужува.

Шеталиште: Не очекува уште едно издание на Ohrid Calling, четврто по ред. Како течат подготовките?

Ивана: Ohrid Calling за нас е посебен настан, ориентиран генерално кон електронската музика и фестивал на кој работиме напорно уште од завршувањето на претходната едиција, па сé до дента кога треба да се случи, односно во тековната година. За овие три години нашиот фестивал се издигна на големо и достоинствено ниво, кој привлекува многу туристи не само од Балканот туку и од цела Европа и пошироко, се впиша на светската фестивалска мапа, а и многу артисти од светот веќе бараат да се дел од Ohrid Calling и тоа е повеќе од доволен показател за неговата успешност на светско ниво.

Во изминативе три години на Ohrid Calling настапија најголемите имиња од светската електронска сцена, како: Armin van Buuren, Dimitri Vegas & Like Mike, Hardwell, Afrojack, Nicky Romero, Salvatore Ganacci, Lost Frequencies, Bruno Martini, потоа Roger Sanchez, The Prodigy- сите хедлајнери на големите фестивали во светот. Секогаш даваме поддршка и на домашните артисти. Тука би го издвоила нашиот Александар Галоски кој е голем пријател на Авалон, а веќе има меѓународна кариера, изданија со големи имиња и за големи издавачки куќи.

Инаку годинава Ohrid Calling прераснува во четиридневен фестивалски спектакл кој ќе трае од 01 до 04-ти август. Артистите веќе се објавени, имаме актуелни имиња, тука се Steve Aoki, Robin Schulz, Sunnery James & Ryan Marciano, Nervo, Fedde Le Grand, Vini Vici, Markus Schulz и уште многу други. Билетите се веќе во продажба на нашата веб страница www.avalon.mk и на нашите продажни места низ земјава, а новитет е што имаме и нова, многу подобра локација која наскоро ќе биде објавена.

Шеталиште: Може ли да очекуваме наскоро нешто ново од Каролина?

Ивана: Имавме четири исклучително успешни концерти годинава со Каролина и оркестарот на Македонската филхармонија, на кои таа настапи со најубавите песни од нејзината кариера, со комплетно нови аранжмани специјално создадени за тој концертен проект. Ново е што нејзиниот последен студиски албум „Извор“ неодамна излезе на хрватски јазик во издание на престижната издавачка куќа „Кроација рекордс“.

Шеталиште: Што уште интересно Авалон најавува за оваа година?

Ивана: Годинава за разлика од лани кога концертната агенда ни беше преполна со настани по повод јубилејот 25 години од постоењето на Авалон Продукција, одлучивме годинава да го намалиме бројот на настани. Се разбира интензитетот и квалитетот на работата остануваат на високо ниво, да има од сé по нешто во концертната агенда и да ги задоволиме вкусовите на сите поддржувачи на работата на Авалон и од сите генерации. Почнавме со Каролина и оркестарот на Македонската филхармонија, потоа следеше концертот на Tom Odell, направивме балканска турнеја со Hooverphonic со концерти во Загреб, Белград и два во Скопје кои веднаш се распродадоа. Не помалку важен е и првиот солистички концерт на нашите Funk Shui, бендот кој почна да ја „окупира“ нашата музичка сцена и веќе е омилен кај публиката. Месец мај ни е резервиран за Lenny Kravitz, потоа следи концертот на Sting, фестивалот Ohrid Calling, па кон крајот на септември и концертот на Eros Ramazzotti. Се разбира дека ќе имаме и нови најави, останува нашиот традиционален настан All You Need Is Love, а во преговори сме за уште едно големо име од светската музичка сцена кое за прв пат ќе настапи во Скопје.

Шеталиште: Ивана, веќе четири години си дел од тимот на Авалон како ПР. Постојано си во контакт со познати музички имиња и светски ѕвезди. Предизвик или задоволство е да се работи оваа работа?

Ивана: Апсолутно е предизвик и задоволство да си дел од тимот на Авалон Продукција- најголемата концертно промотерска компанија на Балканот , но и голема обврска. Ние сме мал, но исклучително вреден тим кој напорно работи, тим кој пред сé живее со музика, живее за музиката и живее да ги прави сите луѓе во земјава среќни барем на неколку часа во оваа апатија.

Нема цена кога ќе ги видите насмеаните и задоволните лица на луѓето секогаш кога излегуваат од сала на концерт во наша организација. Тоа барем за мене е показател дека тоа што го работиме е она вистинското. Среќна сум што ја имам работата од соништата.

Шеталиште: Која од светските музички ѕвезди досега ти оставила најголем впечаток и зошто?

Ивана: Не би можела да одвојам некој посебно, но според досегашното искуство би рекла дека обично постарите ѕвезди се попитоми од помладите, но сепак сите знаат да одвојат време за краток разговор.

Шеталиште: Има ли некој интересен момент кој ќе го паметиш, а е поврзан со некој музичар или концерт?

Ивана: Секој концерт е посебна приказна, секој артист е различен и како појава и како карактер. Се случувале интересни моменти, но отсекогаш најинтересно ми било што голем дел од музичарите што дошле во Македонија, а немале поим за нашата земја, откако ќе се симнат од сцена после настапот тие се толку воодушевени од реакцијата на публиката што секогаш сакаат да се вратат повторно. Македонија можеби е мала земја, но не заостанува во следење на светските текови и трендови.

Шеталиште: Ќе може ли да очекуваме и наредната година концерти на големи музички имиња?

Ивана: Тоа без сомнение! Иако оваа година се уште не е ни до пола, Авалон продукција напорно работи и на концертната агенда за 2020 година. Следете нé, ќе има многу изненадувања.

GOLD
To Top