Новости

Патувањa

Време за патувања, патуваме во Мајами

Од САД пишува Анета Шијакова

Време е за патувања. Најновата репортажа на С/Н ве води во сончевиот Мајами, една од најатрактивните туристички дестинации на светот. Првата асоцијација се секако долги бели песочни плажи и раскошни палми на секој чекор. Но, Мајами е многу повеќе од тоа…

Лоциран на Атланскиот брег во јужниот дел на Флорида, Мајами, е најголемиот град во оваа американска држава. Туризмот е мотор на локалната економија. Туристите доаѓаат преку цела година заради егзотичните плажи и богатиот ноќен живот во Мајами Бич и Саут Бич. Со повеќе од 800 паркови градот е опкружен и со два национални парка: „Бискејн“ и „Еверглејдс“. Мајами Бич е и дом на најголемата колекција на Арт Деко архитектура во светот. Форбс во 2008 година го прогласи Мајами за најчист град во САД.

 

Нема лош период да се посети Мајами. Просечната годишна температура е 24 степени. Најниската просечна температура се спушта на 15 степени во јануари, а највисоката просечна се искачува на 31 степен во јули. Во историјата на овој град, највисока температура, 37,8 степени, била измерена во јули 1942, додека најниска, -2 степени во јануари 1940. Снег во градот паднал само еднаш, на 20 јануари 1977. Климата е тропско монсунска. Летата се топли и влажни, а зимите кратки и топли.

Мајами Бич е еден од ретките вештачки острови во САД. Некогаш островот бил празен и никој не помислувал дека ќе стане светска туристичка дестинација. Градот Мајами е основан на 28 јули 1896 година со околу 300 жители. Денеска брои над 460.000 жители, но поширокото подрачје на метрополата има 5 милиони население, кое се зголемува како резултат на миграцијата. Како меѓународен финансиски и културен центар Мајами има статус на светски град. Тука е најголемата концентрација на меѓународни банки во САД, како и седиштето на 1400 мултинационални компании како American Airlines, Disney, FedEx, Microsoft, Oracle, Sony и други. Меѓународниот аеродром со 35 милиони патници годишно и пристаништето се меѓу најактивните во САД.

 

Во поширокото подрачје на Мајами се среќаваат повеќе култури. Присутна е голема популација на етнички Латиноамериканци. Тие овде ги донеле румбата и конгата кои се одомаќиниле со салсата и други блиски музички правци. Мајами е познат и по фристајл денс музиката, а овде се одржуваат повеќе фестивали. Оттука, локалната музичка култура е многу богата и разновидна. На плажата во Мајами Бич лично се уверивме како салса танчерите низ интензивни физички вежби се подготвуваат за вечерните настапи.

 

Навечер во традиционални танчерски костими настапуваат во ноќните клубови.

Мајами Бич е една од главните забавни дестинации со стотици ноќни клубови, ресторани, бутици и хотели. Оваа област е популарна за американските, но и за странските туристи, кои главно доаѓаат од Канада, Европа, Израел и Карибите.

Особено е популарна шпанската улица – Еспањола, која е прва историска област на Мајами бич – место со многу ресторани и кафулиња каде гостите под дебели палмини сенки релаксирано уживаат во локални специјалитети и пијалаци.

На улиците во Мајами најчесто се возат луксузни модели на автомобили. Но, луксузно возило може и да се изнајми. На прашањето колку чини задоволството да се изнајми Бентлито од следната фотографија ни кажаа дека цената за два часа е 1000 долари.

Локална атракација во срцето на Мајами Мич е градскиот часовник кој го покажува и датумот, пред кој туристите задолжително застануваат да се сликаат за спомен.

 

Туристите од тука можат да понесат интересни сувенири кои ретко можат да ги најдат на некое друго место, како на пример овие рачно препарираните глави од алигатори кои ги фотографиравме во една од локалните сувенирници во Мајами Бич.

Во Мајами Бич се наоѓа и едно од студијата на 3Д технолошката компанија Doob (www.doob3d.com) каде секој може да нарача реплика од себеси или од членови на семејството. Во специјален цилиндер со 66 апарати кои сликаат со брзина на трепкање на окото се прави тродимензионален нацрт на нарачателот. Потоа, репликата се изработува со 3Д печатење. Цената на една човечка реплика, зависно од нејзината големина, се движи од 99 до 699 долари.

Но, не е се така розево во Мајами. Главна закана е зголемувањето на нивото на морето. Научниците сметаат дека во следните 80 години голем дел од Мајами би можел да се најде под вода. Зголемувањето на морското ниво и обилните дождови веќе предизвикуваат поплави. Според американската канцеларија за океанологија, до 2100 година нивото на морето може да порасне за две метри, исто колку просечната надморска височина на Мајами.

Но, ваквата закана воопшто не ги загрижува милионерите кои не се колебаат да купуваат луксузни куќи и апартмани на брегот. Многумина купуваат луксузни апартмани во висококатниците со поглед на плажа каде квартовите се штитат од идно зголемување на нивото на морето со градење на насипи, иако тоа реално нема многу да ги смени работите. Во една од локалните агенции за недвижности се уверивме дека интересот е голем, иако цените се вртоглави високи. На пример оваа луксузна вила во Мајами Бич чини речиси 14 милиони долари.

 

Зошто богаташите купуваат имоти во Мајами? Одговорот е едноставен: заради даноците. Тие заминуваат од сојузните држави каде даноците се високи и се селат на Флорида која има либерална даночна политика. Тука можат да уживаат во своето богатство опкружени со долги песочни плажи и прекрасен поглед на океанот.

 

Фотографии: Анета Шијакова

 

Серијата репортажи е поддржана од лидерот во областа на осигурувањето С/Н Осигурителен брокер.

 

Обезбедете го вашето патничко осигурување од С/Н Осигурителен брокер.

 

Остварете ги вашите соништа за патување со потрошувачките кредити на С/Н Финансии.

 

Со С/Н целиот свет е достапен!

GOLD
To Top