Новости

Патувањa

Од тркачките легенди на НАСКАР до Бентли 2020 – со СН на автомобилско шоу во САД

Од САД пишува Анета Шијакова

Какви автомобили возеле најголемите тркачки легенди на светот? И тоа не било кои – туку буквално најдобрите возачи.

Спортски, аеродинамични, со диви перформанси… Овој модел на Plymouth Superbird од 1970 година, каков што возел Ричард Пети – еден од легендарните возачи на НАСКАР на сите времиња, деновиве беше изложен на традиционалното автошоу „Брзина и стил“ во Александрија, Вирџинија во САД.

Superbird бил дизајниран со цел Plymouth да го убеди Ричард Пети да се врати во Plymouth тркачкиот тим откако во 1969 година замина во Форд.

Ричард Пети ќе остане запаметен по тоа што го освоил првенството на НАСКАР дури седум пати. Седум пати поставил и рекорд на Daytona 500, а победил во рекордни 200 трки во кариерата. Откако бил прогласен за „Дебитант на годината“ во 1959 година па се додека да стигне до Hall of Fame на НАСКАР во 2010 година, Пети пишува долга историја на победи, заради кои не случајно го нарекуваат „Кралот“.

Неговото богатство е проценето на 65 милиони долари, со што се наоѓа на деветто место на листата од 20 најдобри возачи на светот.

Покрај изложениот Plymouth Superbird вреден 220.000 долари, на изложбата можеа да се видат 60-тина ретки автомобили… Јагуар, Астон Мартин, Ферари… Некои од постар, некои од понов датум. Некои пат тука имаа светска претпремиера.

Меѓу изложените модели беше 1952 Jaguar XK120 SS Roadster, кој се произведувал помеѓу 1948 и 1954 година. Тоа е првиот спортски автомобил на луксузниот бренд Јагуар откако SS100 престана со производство во 1940 година.

Вниманието на љубителите на автомобилите го привлече и 1965 Shelby Cobra 427 S/C. Овој англо-американски спортски автомобил, со мотор Ford V8, ќе остане запаметен по Карол Шелби, легендарниот тркач, кој подоцна стана дизајнер и промотор на автомобили.

Карол Шелби е еден од најголемите конструктори во историјата на автомобилизмот – познат како креатор на легендарниот монструм Shelby Cobra. Познат е и по доработките на Ford Mustang , а соработувал и со Chrysler и со General Motors. Во својата тркачка кариера во 1950-те возел за големи тимови како Cad-Allard, Aston Martin и Maserati. Во 1959 година го достигнал врвот кога ја освоил една од најтешките трки на планетата – 24 часа Леман зад волан на Aston Martin.

Но, во 1960-те заради проблеми со срцето го напуштил тркањето. Отворил школа за обука на тркачи и компанија за конструирање и склопување на автомобили. Од неа произлегува легендата на четири тркала Shelby Cobra поставена врз модификувана шасија на британскиот спортски автомобил.

Моделите на Форд од 1936 година се сметале за најтрактивните возила во тоа време. Овој 1936 Ford V-8 DeLuxe Roadster има вграден тандербрд мотор и многу дополнителни делови, со што е изменет неговиот карактеристичен надворешен изглед.

 

Вниманието на понежниот пол на автошоуто, со романтичниот излед, го привлече овој розево-бел Ford 1954 Sunliner convertible.

Посебна атракција на изложбата беше најновиот модел на Бентли, 2020 Bentley Continental GT. Овој модел, кој се уште не е на продажба, ќе чини 260.000 долари. Новата верзија на третата генерација на GT Coupe и кабриолет е најмоќната досега – Bentley се погрижи под хаубата да смести вистински ѕвер.

Двете нови верзии на моделот од трета генерација – Continental GT и GT Convertible се со новата генерација на 4.0-литарскиот мотор со двоен турбо-полнач кој развива 570 коњски сили и 770 Nm максимален обртен момент. Најголемата брзина ќе изнесува 318 километри на час.

Британскот производител на луксузни автомобили Бентли најави дека првите возила од новите модели ќе бидат достапни на американскиот пазар во јули 2019. Остатокот од светот ќе мора да почека до првиот квартал на 2020 година.

Во продолжение погледнете повеќе фотографии од автошоуто во Александрија.

 

Фотографии: Анета Шијакова

Серијата репортажи е поддржана од лидерот во областа на осигурувањето С/Н Осигурителен брокер.

Обезбедете го вашето патничко осигурување од С/Н Осигурителен брокер.

Остварете ги вашите соништа за патување со потрошувачките кредити на С/Н Финансии.

Со С/Н целиот свет е достапен!

GOLD
To Top