Новости

Патувањa

Со С\Н во Канкун и на Карипските острови

Од САД пишува Анета Шијакова

„Мирна тиркизна вода, чисто бел песок. Водата е толку плава, што небото изгледа бледо.“ – Со овие зборови Трип Адвајзер, ја рангираше плажата Playa Norte на карипскиот остров Исла Мухерес, на листата на 10 најубави плажи на светот за 2019 година, како и на местото – прва најубава плажа во Мексико. Плажата беше на листата и во претходните две години.

Фотографиите се направени токму на Playa Norte за најновата репортажа на С\Н, која ве води на карипските острови на мексиканската ривиера и во познатото летувалиште Кан Кун.

Карибите претставуваат регион на Америка кој се состои од Карипското море, неговите острови и околните брегови. Областа зафаќа повеќе од 7000 острови, островчиња, атоли и гребени.

На меѓународниот аеродром во Кан Кун секојдневно пристигнуваат туристи од цел свет. Престојуваат во светски познатото одморалиште или на некој од блиските острови. На половина до еден час пловидба со траект се стигнува до островите Исла Мухерес и Козумел, познати по добрата клима преку цела година, долги бели песочни плажи, кристално чисти води, живописна флора и фауна… Регион кој плени со глетките, но и со доживувањата.

Во близина на островите се наоѓа Муса – најголемиот подводен музеј во светот. За да поттикне поголема грижа за морињата, уметникот Џејсон Тејлор поставил 500 уметнички дела на дното на морето. До нив се стигнува само со нуркање или можат да се набљудуваат преку чамци со стаклено дно. Скулптурите се покриени со цемент кој поттикнува раст на корали, така што се формирал најголемиот вештачки гребен во светот.

 

Од јуни до септември така наречените кит ајкули мигрираат на спојот на Мексиканскиот залив и Карипското море, барајќи место за мрестење. Големи колку автобус, кит ајкулите се најголеми риби на светот. Се хранат со 38 килограми туна и планктони дневно. Живеат и до 100 години, а можат да достигнат должина од 20 метри и тежина од 15 тони. Иако огромни и навидум страшни, тие се сепак безопасни, така што пливањето со нив е една од најпопуларните туристички атракции.

Не помалку интересни се и делфините. Делфинот Гандалф кој е стар само една година позираше за репортажата на С\Н. Сепак, ние се надеваме дека Гандалф припаѓа на последната генерација делфини која живее во заробеништво, бидејќи морските зоолози докажаа дека делфините најдобро опстојуваат слободни.

Овој месец Трип Адвајзор одлучи да не продава карти за атракции со китови и делфини, што е прв чекор кон тоа тие да живеат слободни во дивина. Исклучок се морските засолништа со природно морско опкружување. Целта е да им се застане на патот на оние кои чуваат делфини и китови во мали, ефтини и недоволно природни живеалишта што е погубно за морскиот жив свет.

Најхрабрите пак нуркаат со ајкули.

Местото Пунта Сур на островот Исла Мухерес со најголема надморска височина на Јукатан е првото место каде сонцето го допира мексиканското тло секое утро. Меѓу карпите и бескрајниот поглед на океанот, се издига античкиот храм на Маите посветен на Икхел, божица на Месечината. Позната како сопруга на Сонцето, таа се смета и за божица на плодноста со големи лековити сили.

Во приморскиот амбиент на островот совршено се вклопуваат градбите како што е оваа куќа во форма на школка.

Мексико е богато со археолошки локалитети – остатоци од мали колонијални градови од времето на шпанските освојувачи и остатоци од античките населби и светилиштата на Маите и Ацтеките. Покрај старите градови на Маите, Мерида, Тулум и Коба, тука е и Чичен Ица – познатата пирамида од Кукулкан. Мистериозните и контроверзни урнатини сведочат за некогашниот политички и културен центар на Јукатан. Пирамидата е под заштита на УНЕСКО, а во 2007 година е прогласена за едно од новите седум светски чуда.

Распослан на брегот на Карипското море, Кан Кун има 22 километри бели песочни плажи. Сместен во каналот Јукатан, кој го двои Мексико од Куба и Големите Антили, регионот околу градот е наречен Мексикански Кариби и Мајска Ривиера.

Кан Кун е познат по богатиот ноќен живот. Во 2015 година е рангиран на прво место на листата на 10 најдобри градови за забава во светот. Со Лас Вегас, Ибица, Рио де Женеиро.. останува на листата и во следните години.

Во хотелската зона се лоцирани познати хотелски ланци, луксузни одморалишта, ресторани и барови, трговски центри, терени за голф… Секоја вечер се бара влезница повеќе за светски познатите ноќни клубови Coco Bongo, Hard Rock, The City, Mandala и други, каде настапуваат акробати, пејачи, танчери..

Гостите од цел свет овде се добредојдени, бидејќи Мексиканците се топол, љубезен и отворен народ, кој посветено ја негува својата култура и традиција, што е видливо на секој чекор. Многу производи, излози, сувенири, храна.. се украсени со декорирани черепи – традиција поврзана со мексиканска прослава преку која луѓето учат да не се плашат од смртта.

 

Мексиканската традиција и култура изобилуваат со бои и звуци. Токму затоа во Мексико се е многу колоритно и зачинето со мексикански мелос, совршено вклопувајќи се во егзотичната природа пред која никој не останува рамнодушен.

 

Фотографии: Анета Шијакова

 

Серијата репортажи е поддржана од лидерот во областа на осигурувањето С\Н Осигурителен брокер.

 

Обезбедете го вашето патничко осигурување од С\Н Осигурителен брокер.

 

Остварете ги вашите соништа за патување со потрошувачките кредити на С\Н Финансии.

 

Со С\Н целиот свет е достапен!

 

GOLD
To Top