Новости

Патувањa

Срцето на Вашингтон – слика за американската национална гордост

Од Вашингтон пишува Анета Шијакова

Симболот на главниот град на САД, споменикот Вашингтон, е највисокиот објект во градот Вашингтон. Подигнат во 1884 година во чест на првиот претседател на САД, Џорџ Вашингтон, споменикот во форма на египетски обелиск е дизајниран од Роберт Милс, а завршен од Томас Кејси и Инженерскиот корпус на армијата на САД. Тој ја одразува почитта и благодарноста на народот кон својот основач.
До врвот на обелискот води лифт од каде туристите можат да го видат Вашингтон како на дланка. Следна таква можност посетителите ќе имаат напролет, кога ќе заврши реконструкција на лифтот заради која сега споменикот е затворен.

Кога беше завршен, споменикот Вашингтон беше највисока зграда во светот. Тој е повисок од Статуата на слободата во Њујорк.
На 23 август 2011, земјотрес со јачина од 5,8 степени го погоди регионот 90 милји југозападно од Вашингтон. Обелискот се застресе заедно со посетителите во делот за набљудување. За среќа сите излегоа безбедно, но споменикот претрпе значајни оштетувања, по што реконструкцијата траеше до мај 2014.

Споменикот е во срцето на долга пешачка зона, на чиј крај од едната страна е Конгресот, а од другата страна е Меморијалот Линколн. Педесет американски знамиња, по едно за секоја држава во САД, се веат околу големиот круг во чиј центар се наоѓа споменикот.

Големиот број музеи се дел од зоната позната како Национален мол. Попатно, на авенијата Пенсилванија се стигнува до најпознатата резиденција на светот, Белата куќа, добро обезбедена од сите страни, но исто така со голема прегледност и пристап за посетителите.

Ваквиот распоред во срцето на Вашингтон во најголема мера е дело на Пјер Шарл Ланфант, архитект, инжењер и градски планер од француско потекло. Неговиот план за градот бил моделиран во барок, вклучувајќи широки авении со многу простор за пејсажно уредување. Тој го замислил главниот град со отворени паркови и национални споменици.

Меморијалот на Линколн е американски национален споменик изграден во чест на 16-тиот претседател на САД, Абрахам Линколн (1809-1865), познат по тоа што го укина ропството. Тој е еден од најпознатите и најзначајните претседатели на САД. Њујоршкиот архитект Хенри Бекон го дизајнирал Меморијалот Линколн во стилот на грчки храм.

Класичниот дизајн вклучува и 36 споменици, по еден за секоја од 36-те држави во Унијата, колку што имало тогаш.

Споменикот на Линколн, дизајн на Даниел Честер, е огромна бела доминантна статуа, на која претседателот е прикажан во седечка положба, со лицето свртен кон споменикот Вашингтон и кон Конгресот.

Пред него се протега Рефлектирачкиот базен на Меморијалот Линколн. На водената површина се отсликуваат споменикот Вашингтон и Конгресот, создавајќи магична слика од она што несомнено е американска национална гордост која овде многу силно се чувствува.

Инаку, на скалите на овој меморијален центар, на 28 август 1963 година, борецот за човекови права Мартин Лутер Кинг го одржа легендарниот говор „Јас имам сон“ за расна еднаквост. Говорот на Кинг беше клучен за граѓанските права во САД и се смета за највлијателен повик за социјална правда во историјата.

„Јас имам сон дека еден ден оваа нација ќе се издигне и ќе живее според вистинското кредо на нејзиното постоење. За нас оваа вистина е разбирлива сама по себе, дека сите луѓе се создадени еднакви“, рече Кинг, кој ја доби и Нобеловата награда за мир, а во 1968 година беше убиен во атентат.

Фотографии: Анета Шијакова

Серијата репортажи ,,Откријте го Вашингтон, патувајте со С/Н” е поддржана од лидерот во областа на осигурувањето С/Н.

Обезбедете го вашето патничко осигурување од С/Н.

Остварете ги вашите соништа за патување со потрошувачките кредити на С/Н.

Со С/Н целиот свет е достапен!

GOLD
To Top