Фоторепортажа од Терачина – неодолива приказна од која посакуваш никогаш да не заминеш!

Терачина – Мало градче кое е оддалечено јужно од Рим околу седумдесет километри. Доколку сакате да ја доживеете Италија вистински и низ воодушевувачки воздишки, дојдете тука.
Новиот дел од градот води кон Тиренцовото солено преубаво море. Плажите се големи, а се чини дека крајниот хоризонт на рајот е токму тука.
Стариот дел од градот пак, раскажува за една приказна измешана низ вековите. Тесните улички, зелените ролетни, калдрмата, цвекињата и алиштата спружени од едноот до другиот крај, зборуваат за токму таа класична италијанска уникатност. Доста интересен е моментот каде што можеш да сретнеш преубава италијанка со долга црна кадрава коса како пие чашка убаво црно вино и чита книга пред нејзината куќа во таа тесна уличка одмарајќи се од напорниот ден.
Ископините зборуваат дека приказните на Терачина сеуште се откриваат и се во толку многу голем број, што гордо сведочат за богатата историја на Италијанскиот народ. Пример за тоа се огромните катакомби кои се наоѓаат долу под фасцинантниот плоштад во стариот град.
,,Манџа, манџа, манџа” или ,,Јади, јади, јади!”- се најпознатите зборови кои можеш да го слушнеш од еден мештанец од Терачина! Град кој раскажува и докажува дека вистинскиот вкус на животот или она што се нарекува љубов, можеш да го доживееш само преку стомакот. Низ тесните улички се наѕираат малечки ресторанчиња кои те примамуваат да седнеш, да земеш здив од лудоста и немирниот темперамент на секојдневието и да се одмориш уживајќи во единствената италијанска пица или ,,Pizza italiana” која преку црвената боја на доматот, ливчињата бисилек и белата боја на неодоливата и единствена моцарела која може да се најде само тука, те потсеќаат каде си или намерно ја означуваат бојата на италијанското знаме кое на себе ги носи токму овие бои.
Односливиот и пријателски пристап на персоналот можеби и води во ситуација да се запрашаме:,,Толку ли сме далеку од оној човечки и културен однос?!” Сепак, заборавајќи на самокритичноста, почнуваме носталгично да ја фалиме нашата земја и култура раскажувајќи за нашите традиционални јадења и пријатни пијалоци. Во тој меѓупростор, келнерот ја полни чашката со прекрасно суво и пријатно благо вино кое низ волшебство раскажува за најубавите берби од овие простори. Откако ќе се напиете чашка бело вино „Опидум“, пропратно ви раскажуваат за зелените маслинки или оние „olive verdi“, кои се одгледуваат под ова поднебје. Истите може да се видат и во приватните дворови на неодоливо „лудите“ и најпозитивни италијани во Терачина.
Вечерата долу во ресторан блиску до морето или можеби во идеалниот ресторан ,,кај Масимо” кој се наоѓа на самата периферија на магичната Терачина и нуди одлична воодушевувачка глетка која го одзема здивот е поделена на три дела. Предјадењето се состои во вкусната ,,панзанела” , слична на онаа наша емитација на брускети. На дрвена даска или тавче, Масимо и неговиот персонал ја започнуваат софрата со потпечени лепчиња, шери домати, ,,бјутифул формаџи” или прекрасно италијанско сирење и гранчиња босилек. Во истото, може да ги вкусите и ситните свежи рипчиња.
Бон апетито и само што ќе си речеш дека е крај, сфаќаш дека ова е само предјадење. Следат вкусните и свежи ракчиња кои доаѓаат дирекно од морето тука, а потоа за десерт овошјето и една чашка ракија за која секој италијанец раскажува со пофалби.
Низ целата елегантност, една ,,белисима” топка сладолед од свежо овошје и кафе еспресо испиено за една минутка, те прави да се почувствуваш како вистински италијанец, а за патувањето да се заврши баш необично и неспоредливо романтично, почнуваат звуци на армоника кои ги пеат најубавите италијански песни.
Терачина, неодолива приказна од која посакуваш никогаш да не заминеш!
Пишува: Елена Трпковска
