Новости

Патувањa

(Фотогалерија) Аполо 11 повторно „полета“ кон Mесечината – со СН на спектакуларно шоу за вселената

Од САД пишува Анета Шијакова

Најновата репортажа на СН ве води на спектакуларно шоу со кое беше одбележана 50 годишнината од најголемото достигнување на човештвото – слетувањето на „Аполо 11“ на Месечината.

По половина век од вселенската мисија, „Аполо 11“ повторно полета. Овој пат од центарот на главниот град на САД, Вашингтон. Симулација на моќната ракета на НАСА, „Сатурн V“, беше проектирана по должината на Споменикот Вашингтон – обелиск висок 169-метри, така што повеќе илјадната публика собрана на Националното шеталиште, можеше јасно да види како функционира ракетата со која човекот ги надмина сопствените граници.

Додека течеше одбројувањето до полетувањето на ракетата, на огромни монитори се прикажуваше историското патување на астронаутите Нил Армстронг, Баз Олдрин и Мајкл Колинс од 16 до 20 јули 1969 година, почнувајќи од лансирањето на ракетата од вселенскиот центар Кенеди на Флорида.

На голем екран можеше да се види и целата патека која ја помина „Сатурн V“, од земјата до месечината и назад.

17 минутен филм ги прикажа тројцата американски астронаути, како патуваат во нивното вселенско летало „Аполо“ на врвот на ракетата „Сатурн V“ и како за само 11 минути беа исфрлени во орбитата.

Патуваа 800.000 километри во простор колку поголем автомобил.

Четири дена по лансирањето, Армстронг ги направи првите чекори на Месечината. 20 минути после него, тоа го направи и Олдрин. Тие оставија порака на меморијална плоча од не’рѓосувачки челик на која беше напишано: “Овде луѓето од планетата Земја први стапнаа на Месечината. Јули 1969 година, по Христа. Дојдовме во мир во име на целото човештво”. Колинс остана во орбитата во командниот модул да го чека нивното враќање.

На споменикот Вашингтон беше проектиран и отпечатокот од стапката на Нил Армстронг, кој стана првиот човек кој се прошета на лунарната површина – настан кој на 20 јули 1969 година го следеа 650 милиони луѓе во светот.

„Мал чекор за човекот – голем скок за човештвото“, е легендарната реченица на Армстронг по повод слетувањето на месечината.

Астронаутите од Аполо 11 се вратија на Земјата на 24 јули. Програмата чинеше 25 милијарди долари и на неа работеа 400.000 луѓе.

Како дел од џиновското лајт шоу, организирано од Националниот музеј на воздухопловство и космонаутика „Смитсонијан”, ракетата беше проектирана во природа големина. За специјалните ефекти се погрижија продуцентите Ник Партриџ и Кејти Моер, познати по тоа што ја подготвуваа свечената церемонија за отворањето на Олимписките игри во Лондон во 2012 година.

Идејата на целото шоу беше што поавтентично да се долови вистинското лансирање на ракетата „Сатурн V“. Екраните за одбројување поставени на Националното шеталиште беа копија на оригиналните во вселенскиот центар Кенеди на Флорида.

Сепак, звучните ефекти не беа на нивото на реалното полетување, бидејќи ракета голема колку „Сатурн V“ со силата на звукот кој го емитува може да сруши и згради. „Сатурн V“ сѐ уште е најголемата и најмоќна ракета направена досега. Висока повеќе од 100 метри и тешка 2.800 тони, таа согорела 20 тони гориво во првата секунда од лансирањето.

Според проценките на НАСА, помала ракета, од типот на „Сатурн C1“, емитува звук кој во најмала рака предизвикува физичка болка во ушите кај оние кои ќе бидат оддалечени на 3,2 километри. Конгресот се наоѓа на околу 2 километри од Споменикот Вашингтон каде се проектираше лансирањето, а Белата куќа е уште поблиску. Реално лансирање на „Сатурн V“ од оваа локација, со силата на звукот би ги искршило прозорците во целата област.

На следното видео може да се види како изгледаше проекцијата во Вашингтон:

Инаку, во Националниот музеј на воздухопловство и космонаутиката „Смитсонијан” во Вашингтон е изложен и скафандерот кој Нил Армстронг го носеше на „Аполо 11“. Интересно е што во овој музеј посетителите можат да допрат и камен донесен од месечината.

 

По повод 50-годишнината од првото слетување на човекот на Месечината, американскиот претседател Доналд Трамп организираше прием во Белата куќа за Баз Олдрин и Мајкл Колинс. Покојниот Армстронг, беше претставуван од двајцата синови. САД планира да ги обнови мисиите на Месечината до 2024 година, за во следната деценија да се оди и на Марс.

Фотографии: Анета Шијакова

Серијата репортажи е поддржана од лидерот во областа на осигурувањето С/Н Осигурителен брокер.

Обезбедете го вашето патничко осигурување од С/Н Осигурителен брокер.

Остварете ги вашите соништа за патување со потрошувачките кредити на С/Н Финансии.

Со С/Н целиот свет е достапен!

GOLD
To Top