Новости

Патувањa

Репортажа: СН ве води на Халовин во Вашингтон

Од Вашингтон пишува Анета Шијакова

Џокер, Бетмен, Супер жената… сите се тука.. подготвени за забава… Серијата репортажи “Откријте го Вашингтон, Патувајте со С/Н” овој пат ќе ве поведе на Халовин во Вашингтон, каде прославите на големо започнаа уште неколку дена пред Денот на вештерките, кој традиционално се одбележува ноќта помеѓу 31 октомври и 1 ноември. Страшни, но истовремено и комични ликови, кои треба да го подигнат адреналинот можат да се забележат на секој агол.

Халовин е многу популарен во САД, така што речиси сите, а особено младите и децата, имаат традиција на маскирање. Еден од најпознатите Халовин маскенбали во Вашингтон, викендот пред 31 октомври, се организира во Дупонт Сиркл, кварт со популарни кафулиња и ресторани.

Сите доаѓаат маскирани. Интересот е толку голем што се чека во редици. Без претходно направена резервација речиси и да не може да се најде место во кафулињата, каде журката продолжува до доцна во ноќта.

Халовин потекнува од пагански фестивал во Северна Европа. Традицијата да се одбележува овој празник во САД ја донеле Ирски мигранти некаде околу 1800-тата година. На почеток тоа се правело со цел да се повикаат добрите, а да се одвратат злите духови. Се сметало дека ноќта на 31 октомври духовите се толку силни што можат да остварат контакт со физичкиот свет.

За да се постигне ефектот на тој спиритуален свет денеска покрај во костимите, многу креативност се вложува и во шминката за изгледот да биде целосен.

Комерцијализацијата на Халовин започнала по 1900-тата година кога се печателе картички по повод празникот. Првите костими за Ноќта на вештерките почнале да се произведуваат по 1930-тата година, а по 1950 година започнал да се практикува обичајот децата маскирани цела ноќ да шетаат по куќи и да собираат колачиња. Од тогаш па наваму Халовин станува многу профитабилен празник за производителите на костими, декорации, тикви и колачи. Американците плаќаат за да посетат фарма каде се одгледуваат тикви.

Покрај маскенбали во САД се организираат и паради каде се избира најдобра маска. На познатата Дел Реј парада во Александрија, во државата Вирџинија (во близина на Вашингтон) оваа година за најдобра беше избрана маската на Џокер.

Но покрај Џокер овде продефилира и Бетмен, потоа вонземјани, антички ликови и уште многу други херои од големите и малите екрани на овој ден „оживуваат“ за да ги забавуваат најмладите.

Американците се трудат прославата да биде целосна до последен детал. Така, и домашните миленичиња добиваат по некоја улога, како ова куче полицаец.

Декораци со скелети и тикви можат да се забележат пред продавниците и дворовите на куќите.

Некои отишле толку далеку што дворот им наликува на хорор филм. За европски вкус ова е можеби премногу, но американците се љубители на адреналин. Всушност, многумина плаќаат за неколкучасовен престој во т.н.опседнати куќи или шуми, каде страшила се обидуваат да ги фатат или некој ги брка со моторна пила.

Ноќта на Халовин во дворовите светнуваат и фенерите од тикви, бидејќи тиквата е задолжителен симбол на овој празник.

Фотографии: Анета Шијакова

Серијата репортажи ,,Откријте го Вашингтон, патувајте со С/Н” е поддржана од лидерот во областа на осигурувањето С/Н Осигурителен брокер.

Обезбедете го вашето патничко осигурување од С/Н Осигурителен брокер.

Остварете ги вашите соништа за патување со потрошувачките кредити на С/Н Финансии.

 Со С/Н целиот свет е достапен!

GOLD
To Top