Новости

Патувањa

Репортажа: Зошто Вашингтон го нарекуваат главен град на светот?

Од Вашингтон пишува Анета Шијакова

Серијата репортажи “Откријте го Вашингтон, Патувајте со С/Н” ќе ве поведе во градот кој што е симбол на политичката слобода во САД, но и во светот. Како седиште на федералната власт, на голем број меѓународни организации и 177 амбасади на странски држави, Вашингтон (Washington DC) е познат и како главен град на светот.

Покрај Конгресот, тука се и Белата куќа, Врховниот суд, Светска банка, Меѓународниот монетарен фонд, Организацијата на американските држави… Со многу музеи и културно историски споменици градот е и туристичка атракција. Сам по себе Вашингтон е музеј под отворено небо. Тој е еден од туристички најпосетените градови во светот со над 20 милиони туристи годишно.

Основан по американската револуција, Вашингтон е центар на националната сцена. Тука се бараат решенија за сите прашања кои ја засегаат нацијата. Овде се одржуваат инаугурациите на американските претседатели. Од тука се испраќаат најважните пораки до светот.

На почеток ќе ве запознаеме со Капитолот на САД, седиштето на американскиот Конгрес во Вашингтон, еден од најпрепознатливите симболи на најмоќната демократија на светот.

Вашингтон, како главен град на САД, името го добил по првиот американски претседател Џорџ Вашингтон, кој во 1972 година на Томас Џеферсон му рекол: ,,Капитолот треба да биде посупериорен од било што друго во земјата.” Денес, само еден поглед на Капитолот и неговото опкружување покажува дека целта е постигната.

Вашингтон се наоѓа во источниот дел на САД, во дистриктот Колумбија. Тој не е сојузна држава, туку специјална област. На крајот на 18 век испланиран и изграден е за да биде главен град на државата. Федералниот округ е формиран за да го одвојува главниот град од државите. На југозапад граничи со државата Вирџинија, додека на север, исток и југ со државата Мериленд. Во 2017 година брои 693.972 жители, но во поширокото градско подрачје живеат 6.131.977 жители.

 

Капитолот е седиште на Конгресот – дводомно легислативно тело на федералната влада на САД кое се состои од Сенат и Претставнички дом. Сенаторите и претставниците се избираат на избори и секоја држава има свои претставници. Претставничкиот дом и Сенатот се рамноправни партнери во законодавниот процес. Законите не можат да се донесат без согласност на двата дома.

Започнувајќи од 1793 година Капитол е граден во фази, во неокласичен архитектонски стил, цели два века. Оригиналниот дизајн на зградата е на Др.Вилјам Торнтон, додека сегашната купола ја дизајнирал Томас Валтер. Но уште 11 други архитекти придонеле за денешниот изглед на ова ремек дело. На врвот се наоѓа Статуа на слободата – женска фигура завртена кон Исток.

Дизајните во внатрешноста се инспирирани од античка Грција и Рим пресликувајќи ги идеалите на основачите на нацијата. Величествени слики и скулптури ја прикажуваат американската историја. Срцето на Капитол е Ротундата, кружна сала со дијаметар од 96 стапки покриена со внатрешната купола на Капитол. На огромна фреска насликана од италијанскиот уметник Константино Брумиди, насловена “Апотеза на Џорџ Вашингтон”, е прикажан првиот претседател на државата како се издига на небото и станува Бог. Покрај него се алегориските фигури на слободата/авторитетот и победата/славата. Тие се опкружени со девици што ги претставуваат првите тринаесет колонии, додека шест групи на слики ги прикажуваат војната, науката, морнарицата, трговијата, механиката и земјоделството. Во овие сцени, митолошките богови и божици комуницираат со историски личности.

Конгресот за прв пат се сретнал во зградата на Капитолот на 17 ноември 1800 година. Денес Капитолот не е само средиште на политички случувања, туку е отворен и за посетители. Тој е Музеј на американската уметност и историја, кој секоја година го посетуваат милиони луѓе.

Центарот за посетители е изграден од 2002 до 2008 година. Во него се вложени 600 милиони долари. Отворен е од 8.30 до 16.30 часот од понеделник до сабота, освен за Денот на благодарноста, Божиќ, Нова година и Денот на инаугурацијата. За посетителите се организирани тури со водич. Сите програми и активности се бесплатни. Покрај на англиски јазик, преку уредите за слушање обезбеден е превод на шпански, француски, германски, јапонски и мандарински јазик, но достапни се брошури на повеќе јазици.

Тука можат да се видат оригинални и ретки документи и артефакти, видеа, модели и компјутерски интерактивни прикази. Фотографирање за комерцијални цели не е дозволено.  Безбедносните мерки се на највисоко ниво заради што посетителите минуваат низ детектор за метал.

Предната страна на Капитол е едно од омилените места на туристите за фотографирање. По обиколката посетителите уживаат во ресторантскиот дел со 530 седишта, како и во продавниците за сувенири инспирирани од уметноста и историјата на Капитол. Тука се нудат производи изработени исклучиво во САД како спомен на доживувањата во Вашингтон.

Фотографии: Анета Шијакова

Серијата репортажи ,,Откријте го Вашингтон, патувајте со С/Н” е поддржана од лидерот во областа на осигурувањето С/Н Осигурителен брокер.

Обезбедете го вашето патничко осигурување од С/Н Осигурителен брокер.

Остварете ги вашите соништа за патување со потрошувачките кредити на С/Н Финансии.

Со С/Н целиот свет е достапен!

GOLD
To Top