Новости

Психологија

Гешталт психотерапија: 10 златни правила за среќен живот

Се чини дека модерниот човек се повеќе го губи контактот со себе, а губењето на контактот со себе ги носи сите проблематични состојби, болести и тегоби. Борбата меѓу автентичните потреби и општествените барања во денешницата е многу остра, па во обидот да ги задоволи и едните и другите, човекот неретко согорува. Честопати несвесно повеќе ги задоволува наметнатите барања, а верува  дека живее онака како што сака. Последиците од таа внатрешна борба се одразуваат врз сите надворешни значајни фактори како што се односите со другите луѓе и дејствувањата во различни полиња.  Сето тоа доведува до хроничен стрес и многубројни потиснувања.

Затоа е овде гешталт терапијата, чија главна цел е повторно оспособување на човекот да ги користи сите свои потенцијали, понатаму да ги развива и употребува за постигнување на полн, ефикасен и среќен живот. Според тоа, здравјето во гешталт терапијата го карактеризираат активноста, контактот, изборот и автентичноста, додека болната состoјба се одликува со застои, отпори, ригидност и контрола кои се често пропратени со анксиозност. Кога организмот функционира на природен, спонтан  и динамичен начин, тој слободно реагира на надворешните и внатрешните случувања. Енергијата е усмерена кон активно учество или размена со околината со која единката е во контакт. Затоа, за да може да го одржи своето здравје, добро е секој човек да ги знае десетте принципи на гешталт психотерапијата и одвреме навреме да се потсетува на нив, особено тогаш кога има чувство дека скршнува од својот вистински пат.

  1. Живеј сега;
  2. Живеј овде;
  3. Прифати се себе онаков каков што си;
  4. Биди искрен кон самиот себе;
  5. Изрази се себе преку своите желби, мисли и чувства и не манипулирај со себе и другите преку рационализации, проценувања и искривувања;
  6. Почувствувај ја во потполност целата скала на твоите чувства, како пријатни така и непријатни;
  7. Не ги прифаќај надворешните барања кои се спротивни со твоето себеспознание;
  8. Биди подготвен да експериментираш и да се сретнеш со нови ситуации;
  9. Биди подготвен на промена и развој;
  10. Перцепирај ја својата околина и постапувај со неа во согласност со тоа она каква е, а не каква што би сакал да биде.

Извор: Применета психологија

GOLD
To Top