Новости

Психологија

Психо блиц: Зошто политичарите никогаш не се извинуваат?

Зошто политичарите никогаш не се извинуваат за своите постапки и никогаш не ги објаснуваат?

Во написот „Никогаш не извинувај се, никогаш не објаснувај“ на страницата Psychology todey , авторката наведува свежи примери од претседателските кандидати кои не се извинија за своите непромислени изјави. Еден од нив е и ненадминливиот Доналд Трамп.

Таа се прашува зошто луѓето на раководни позиции не ги признаваат своите грешки и не се извинуваат за нив? И што е уште поважно, зошто ние го прифаќаме нивното однесување?

Изгледа дека имаме спротивставени очекувања од оние што нè водат.

Од една страна, личноста која е полна со самодоверба ни е поатрактивна, а онаа што има премногу самодоверба може навистина да нè заведе. Една нова студија покажа дека меѓу овие две личности онаа што има поголема самодоверба е повлијателна.

Во студијата, луѓето што се преценуваат себеси, другите лица ги перципираат како оние што „заслужуваат почит и признание, имаат влијание врз одлуките, го водат процесот на донесување одлуки и влијаат врз нив“.

Невтемелената претерана самодоверба добива повисок општествен статус и поени за раководење.

Ако треба да ги убедите другите дека сте подобри од она што навистина сте, прво треба да се уверите самите себе. Игнорирањето, правдањето или негирањето на грешките ја поддржува самоизмамата.

Како и лажењето, и грубоста е уште една карактеристика која повеќето од нас ја сметаат за неприфатлива, но најчесто ја поврзуваме со моќта.

Во еден експеримент на учесниците им биле прикажувани две видеа – во едното љубезен човек нарачувал храна, а во другото нарачувал храна така што грубо викал, ги ставал нозете на масата итн… Учесниците непристојниот човек го оцениле како оној што „добива внимание, оној што го слушаат, оној што одлучува“.

Меѓутоа, во деловниот свет скромните лидери сè повеќе се ценат.

Директорите и другите лидери во области како војската, производството, финансиските сервиси, религијата, малопродажбата – се согласиле дека понизноста е квалитет кој најдобро ѝ служел на нивната организација. Скромниот и понизниот лидер има интегритет, храброст да ги признае грешките, како и да понуди модел за напредок на следбениците.

Како што пишува авторката, која е психолог, нашите инстинкти нè привлекуваат кон нарцистички лидери, врз кои можеме да ги проектираме нашите желби да бидеме поголеми од животот. Зрелоста нè води кон поскромни водачи кои се компетентни и мудри. Но, мораме да избираме лидери кои се грижат и кои имаат проникливост. Народите избираат лидери какви што заслужуваат.

Извор:факултети.мк

GOLD
To Top