Новости

Психологија

Смеење, најдобрата терапија за лекување

Оној што може да ја открие комичната страна на своите проблеми, веќе ги надминал. Ако можете да се смеете самите на себе, ќе бидете во можност да ги согледате проблемите подобро. Затоа се вели дека смеењето не само што го поттикнува излачувањето на телесни сокови туку и ве ослободува од нервози и од сопствените грешки и заблуди.

Но, што, всушност, претставува хуморот? Се јавува во повеќе варијанти, токму како што постојат и многубројни комичари во светот. Некои луѓе го обожаваат хуморот на Чарли Чаплин, другите го преферираат оној на Мујо и Хасо, а, пак, трети – хумор-ситуациите со неочекуван пресврт. Хуморот не е само работа на расположението, туку и одреден поглед кон светот, кој е многу лековит. Психолозите од Њујоршкиот универзитет дошле до сознание дека хуморот претставува лековита, олеснителна и утешна појава. Смеењето ја брка депресијата, ги уништува стравовите, фобиите, го намалува производството на стресните хормони и го поттикнува излачувањето на хормонот на среќата – ендорфинот.
Во САД науката за смеење го добила називот гелотологија, како посебна гранка на психологијата, која ја проучува меѓусебната врска на телесното и душевното дејствување на хуморот врз човековото здравје. Истражувањата покажуваат дека смеењето ја смирува болката и доведува до излачување на одредени хормони (катехоломин), кој влијае врз запалување на зглобовите. Покрај него, се излачува и бетаендорфинот (внатрешен морфиум), кој ја намалува напнатоста и ја смирува главоболката.
Веќе неколку години германскиот психолог Тиче врз своите пациенти ја спроведува терапијата на лекување со хумор. Тој вели: „Терапевтскиот хумор го враќа пациентот назад во радосните настани од своето детство. Притоа кај него не се јавува слика на повредено дете, туку дете што е способно да им се спротивстави на своите другарчиња, што претставува извор на хумор. Тоа дете ништо не сфаќа сериозно и тоа е неговиот однос кон светот“.

Тој став Августин го дефинирал на следниов начин: „Животот е премногу сериозен за да го сфатиме сериозно. Секое дете во почетокот е надарено со хумор, вели д-р Тиче, но, за жал, подоцна не` воспитуваат на тој начин да се однесуваме кон работите премногу сериозно. Како возрасни сакаме да изгледаме пристојни во очите на другите, дури и беспрекорни.
Резултатот е: никогаш не се доживувате како доволно добри, па станувате обесхрабрени и на некој начин посрамени. Затоа е важно понекогаш да се вратите назад во детството, во она време кога сте биле ведри, весели и безгрижни деца. Ако сакате да ја поседувате дарбата за хумор, морате повторно да ја стекнете флексибилноста што сте ја имале како дете.

Единствен услов за тоа е да научите да мислите помалку самокритично и да се потпрете на детската спонтаност на креирање. Преку хуморот вашето внатрешно дете доаѓа до полн израз и ја прекинува претераната тенденција за што поголема перфекција, која ниту еден човек не може да ја постигне во целост.
Оние луѓе што умеат да се смеат на своја сметка, со други зборови порачуваат дека се сакаат онакви какви што се и со тоа ја покажуваат јачината на својата личност а с со хуморот доаѓа и храброста.

Извор: 7dena.mk

Евротип
Евротип
To Top