Новости

Психологија

Чувствителната рамнотежа меѓу умот и срцето

Денес е популарно луѓето да бидат амбициозни и да поставуваат високи натпросечни цели без разлика дали се работи за цел која е насочена кон поголема заработка, повисоко образование кое ќе донесе повисок општествен статус, подобро тело итн. Високите поставени цели и желбата да се биде над просекот е сосема во ред, бидејќи на тој начин личноста добива можност да го изрази и да го изнесе целиот креативен потенцијал кој го носи во себе. Но дефинитивно не е во ред кога за таа сметка личноста е постојано несреќна и кога упорно прави безброј жртви за ја задоволи својата амбиција и желба за успех. Кога се вака поставени работите произлегуваат многубројни проблеми, а главниот виновник за тоа е се разбира нагонот на “ѓаволското“ ЕГО.

Човекот во себе носи огромна животна енергија и колку и да изгледа дека тој го користи нејзиниот полн потенцијал, ретко кога навистина е така. Во нејзината суштина се наоѓа нашиот внатрешен глас или она што се нарекува човекова природа. Во таа природа пак, се наоѓа најголемиот двигател на човештвото, а тоа е љубовта која во себе ги носи милоста, спокојството, мирот и чувствата на исполнетост и соединетост. Но токму оваа природа знае да биде и нашиот најголем непријател. Тоа се случува кога ја игнорираме и кога не сакаме да го слушнеме нејзиниот глас. Наместо тоа, човекот слепо му верува на своето его и со тоа ја потиснува својата животна енергија, а кога го прави тоа, таа му возвраќа со силен удар. И со тој удар таа му ги создава чувствата на гнев, бес и агресија кои го исполнуваат човекот со ароганција и го тераат да биде алчен и да граби што повеќе од материјалниот свет за да ја исполни празнината во себе.

Но како се случува човекот да престане да го слуша својот внатрешен глас односно гласот на љубовта? Тоа се случува кога тој ќе се најде повреден. Тогаш не го слуша повеќе своето срце, туку слепо му верува на умот, односно на егото. И во тоа се наоѓа коренот на сите проблеми во животот на човекот. Тоа слепило ги уништува односите со другите луѓе и го затвора духот на човекот.

Тоа најмногу се чувствува во односите меѓу мажите и жените. Некогаш повреденото достоинство на жените ја чини  нивната денешна борба во светот со мажите. На овој начин тие ја потиснуваат својата автентична природа на мајка, жена, дама итн. бидејќи погрешно веруваат дека изразот на нежните чувства како милоста, љубезноста и кроткоста ја чинат слабоста и субмисивноста. Тоа навистина не е точно. Всушност чувствувањето и изразувањето на таквите емоции ја чинат зрелоста кај човекот без разлика дали станува збор за маж или жена, додека пак агресивното его се однесува како мало разгалено дете кое никогаш не знае за доста. Длабоката љубов е израз на мир и стабилност и таа не може да биде срушена лесно. Во неа се наоѓа вистинското самопочитување и самодоверба.

Секоја личност ја носи својата животна енергија која е составена од машки и женски дел. Машкиот дел е оној кој не тера да преземеме ризик во животот и да излеземе од зоната на комфор, да го зграпчиме она што го заслужуваме и да го одбраниме она што е наше, додека пак женскиот дел односно кроткоста и милоста е одговорна за одржување на мирот во себе. Проблемите во животот на човекот настануваат кога е изгубен балансот меѓу двата дела на оваа енергија. Кога едниот дел е премногу изразен, а другиот е премногу потиснат. Затоа е потребна константна работа на себе за денес личноста да може да го одржи балансот меѓу умот и срцето.

Извор: Применета психологија

GOLD
To Top