Новости

Психологија

Важна ли е разликата во годините кај паровите?

Можеби цел живот им се чудев на ваквите парови. Им се чудев, а од друга страна ги гледав со некакво нетипично воодушевување. Веројатно најповеќе на нивната храброст што застанале на тие места каде што се. Еден до друг. Но, тоа беше восхит само кон нивната храброст, а дали ја разбирав нивната љубов?! Можеби и не толку.

…И се тоа се случуваше се дури не порасна тој Петар Пан во мене. Или можеби, подобар заклучок би бил…се дури Петар Пан одлучи да остане во мене и никогаш да не старее. Но, човек доаѓа до една граница во животот, до едни години каде едноставно го чувствува тоа црвено светло од семафорот кое ви вели:„Доста е! До тука е! Не може повеќе!“. И цел тој циркус со биолошкиот часовник, со тоа дека сме немале време, дека треба да побрзаме и да влеземе во брачна заедница… И во цел тој хаос, Петар Пан, одлучи да застане. Или можеби да летне толку високо што никој не би го разбрал распонот на неговите крилја.

Епа токму таму во тој распон, една доволно созреана личност, веќе доаѓа на исто ниво со оние на таа иста негова возраст, со оние постарите од него или малку помладите. Па некако во тој „Big Bang“, во таа безвоздушна празнина, чувствував како да одам на стакло. Како тоа дете да чекори над нешто толку мазно и убаво, а истовремено и кршливо. Но, што ако гази?

Со ова, би дошол до заклучок, претенциозно, за да станам појасен: Душите се исти. Немаат никаква врска годините, се додека не се дојде до таа празнина каде што некако нештата стануваат појасни. Љубовта се раѓа од внатре, таа не е физикус и не е пиплива. Едноставно, се чувствува, макар и на стакло. Но, само треба човек да е доволно храбар за да застане на тоа стакло…Или… Да одлучи да го чува тој Пан во себе, затоа што и да пукне стаклото, Петар Пан знае да летне. Човек доаѓа во години каде може да се дружи со секого, да му е пријатно секое друштво. Токму тогаш веројатно овие души се сретнуваат. А кои сме ние да им судиме и да им вршиме притисок?

Љубовта нема граници, љубовта нема бариери, љубовта е единствена безрезервна дистанца која човек ја поминува со тој процент од разумот кој инаку не би го користеле. Се случува нешто во тој дел од душата, нешто надреално кое веројатно не можеме да си го објасниме. Па затоа, на љубовта не смееме да и судиме. Таа се случува во токму она гнездо во кое можеби најмалку човек очекува да биде. Но, постои. Без разлика на годините, без разлика на возраста, бојата, говорот, физикусот, мислата, далечината.

Уште еднаш, не и судете на љубовта и пробајте да ги разберете нивните приказни, без да влезете во нивната кожа. Бидете Пан. Бидете Петар Пан.

Евротип
Евротип
To Top