Новости

Психологија

Кога утре може да е предоцна! – За сите оние на кои им должиме средби на небото

Ќе сакаш да се видите, да се дружите, да си помуабетите како по обичај… Нешто трач, нешто да си ги кажете маките, да си поиграат децата, малку мода, кафе, цигари, живот…Класично  битолски ,,кафе муабет” кој навидум не изгледа како да е нешто…

Ќе си речите: ,, Ќе се видиме! “ на Широк Сокак. Онака бледо како по некоја навика…
Ќе сакаш да се видите, ќе сака да си ,,зборните” , да си помуабетите, ама знаеш купови обврски, купови проблеми, децата, семејството, нешто низ дома, нешто надвор: ,,Никако време да најдеме!”

И така, пак ќе се сретнеш и пак по навика дури усрамено ќе си речете:,, Мила моја, никако да се видиме!” И се договарате за средба, за следно видување и ја мислите не дека не… И ја сакате, не дека не… И ве сака…

,,Ама знаеш куп обврски, куп работа, малку време, децата, семејството, нешто низ дома нешто надвор…”

И така ќе дојде последната ваша средба. Последната без да знаеш. Под градскиот часовник и саат кулата што ,,тик – так” ти правела над глава. Ти кажувала нешто. И се гледате на Широк Сокак и пак со истото по навика се поздравувате: ,,Мораме да се видиме, се слушаме деновиве…”

Се дури не сфатиш дека утрото не ти ветува никакви денови. Само празнина, луѓе во црно, солзи, тажалки, болка од ведро небо и едно:

,,Лошо е… Седни, Смири се… Не знам како да ти кажам… Ја нема… Жал ми е… Добро си? Јади нешто…Смири се!”

Се дури утре сфаќаш дека нема повеќе средби… Дека тоа се само часови кои ситнат во мунутки, а тие во проклети секунди и ти велат збогум со едно тифко: ,,Ќе се видиме…” Таму некаде од кај небото, ангелите и рајот, зашто таму припаѓаше. На она место каде на ,,Ти” си со сонцето…

Не барајте време, не ситнете го животот… Не оддолговлекувајте, затоа што секогаш, животот е тука да не потсети дека утре можеби е доцна или веќе предоцна! Прегрнете ги блиските, живејте го секое,, вдиши и издиши” , секоја минутка, секунда! Гледајте, фокусирајте, не потценувајте го секое добро утро и секоја средба користете ја, сонувајте го овој сон со отворени очи, впијте го сето добро и не дозволувајте она што ви значи да го пропуштите и да мине покрај вас без, или едвај да го заприметите. Токму тој миг ќе ви недостасува. Токму таа средба, тоа видување! Затоа што најповеќе недостасува договорена средба која никогаш не успеала да се случи!

А болката ќе боли секогаш, до балчак, ќе гони и греби и удира, ќе сака да ништи и убие, нема да се согласува со судбината и часот кој чукнал прерано, но она што останува е времето да ја претвори во љубов, да се завртите напред и да стапнете на наредната скала!

И да! Да го живеете овој суров сон, под саат кулата која секогаш знае да не потсети дека секое ,,тик – так” значи: ,,Времето одминува и утре може да е предоцна!”

Ќе се видиме таму горе! 

Посветено на сите оние кои изгубиле некого и на сите оние кои авторот ги изгубил, па им должи многу средби… Таму некаде, каде на ,,Ти” сте со сонцето, ангелите и небото!

Пишува: Елена Наумовски Трпковска

Евротип
SNBROKER
To Top