Новости

Психологија

Научете ги децата да им дадат љубов на оваа приказна што некогаш се викаше Битола!

Вандализам – именка, машки род. Уривање и разорување, особено на културно – уметнички споменици.

Деструктивно однесување – разурнување, уништување. 

Хулиган – насилник, криминалец.

Предавник – именка, машки род. Деновиве најчесто се употребува врз базична двосмисленост, особено во ,,политичкиот ни турбофолк”.

Говор на омраза – термин кој означува говор чија намера е да деградира, вознемири или предизвика насилство.

Отров – супстанца што ги нарушува основните функции на организмот. Отров во поинаква смисла – ја уништува душата.

Зависник – лице што зависи, што не може да се откажи да се ослободи од нешто.

Да ги научиме на овие термини вашите, нашите деца. Научете ги, а потоа кажете им како се употребува модерниот паметен телефон и каква треба да биде камерата за нивната фотографија да блесне. Научете ги да блеснат од внатре, другото е ирелевантно, низ шепот спомнете им.

Научете ги за злото и раскажете им ја ,,Црвенкапа”, ,,Снежана”,,,Пепелашка” ,,Волкот и седумте јариња”, ,,Петар Пан”…

И патем, кажете им дека убаво би било да не бидат волкот во овој живот. Дека паметно би било да не ја играат улогата на злобната маќеа и дека не е лесно да влезеш во стаклената ,,штикла” на Пепелашка.

Кажете им дека не е толку ,,фенси” и јако да си модерниот Капетан Кук, ами научете ги со чиста добрина да одлетаат оти и онака ќе сакаат да видат што има кај облаците. Но, во меѓувреме, потсетете ги дека што повисоко летаат, можат и да паднат.

Предупредете ги оти не е баш ,,јако” да бидат тиктокери, блогери, трендсетери, ако не знаат за злото. Научете ги да бидат ,,Парижанки” и дами во светот на Кардашијан. Кажете им како нормално да одат на девојките, а потоа подарете им високи потпетици. Шепнете им на момците оти со пијалок и лага, лесно е да го допреш нејзиниот кармин, но тешко е да ја бакнеш нејзината душа.

За крај, пред да го навикнат ова ново ,,ненормално”, советувајте ги да бидат нормални и… ДА… Раскажете им го Шекспир. Дај… дајте им љубов на оваа приказна што некогаш се викаше Битола!

GOLD
To Top