Новости

Психологија

Уште колку смрт треба да видиме за да сфатиме дека живееме?!

Во овие тажни денови сфаќаме колку пропуштаме, кроиме, трчаме, се плашиме, пцуеме, колниме, критикуваме, забораваме, лажно ветуваме и се…Само не цениме што едноставно живееме!

Инспирирана од тоа, ми вриеше некое неспокојно чувство полно со прашалници, кое обично се јавува после ваква страшна вест за несреќа. Во случајов, несреќа за нашата земја!

Уште колку смрт треба да видиме за да сфатиме дека живееме?!

Кои сме? Што сакаме? Што сакаме да бидеме? Каде сме?

Свират виолини. Едно танго се провлекува низ градите. Боја на страст, боја на крв и боја на смрт. Страв и смрт. Истовремено.
Но, што ако смртта е само нежна и летаргична?

И се така низ прашалници, доаѓаме до заклучоци. Не дозволувајте да изгледа дека сме живееле залудно, дека сме играле погрешен танц, без широкоотворени гради, без воздух, без многу зборови, без ,,прости ми”, ,,ти простувам”, ,,простете им”, ,,простено нека ти е”.

Не дозволувајте да не се погледнете во очи со вашиот господин ,,Алтер” и не му кажете многу работи. Одеднаш. Сега! Одма!

Бидете среќни на овој свет. Бидете љубезни со мирисот на розите, заблагодарете му на срцето што ви чука уште во градите. Бидете мудри и сакајте. Подарете, помогнете, љубете. Кажете на цел глас ,,Те сакам”! ,,Скокнете од падобран” веќе еднаш! Искачете го врвот!

Излудувајте и вриснете од радост под жешкото сонце или натопете се во есенски дожд. Бакнете ги најмилите, наредете ја елката, почувствувајте го снегот како крцка под чекорите што вие ги одите, како се тркала и топли во раката над крвта што ви врие, стоплете се со чај дома, кажете молитва, речете благодарам и среќен/а сум што те имам, ве имам, се имам! Викнете на цел глас колку ви е драго што сте тука и сфатете дека се е со причина, а нештата…работите се случуваат и се кршат.

Веројатно секој на ваков или таков начин ја носи истата судбина, само кој колку може да издржи и да одолее на пукнатината, та да не ја фрла во ѓубре, туку да ја оживее и во нова форма презентот и футурот да го научи како не треба, а не како мора! Научете од грешките, оставете ја љубомората, зависта, власта, егото, борбата и сфатете го најголемото чудо во светот што секое утро се случува, а тоа…Тоа е дека вие сте живи!

Автор: Елена Наумовски

Евротип
Евротип
To Top