Новости

Технологија

Излегува современа верзија на култниот Nokia 3310

Финската компанија HMD Global ќе земе учество на мобилниот конгрес во Барселона, на кој се подготвува да претстави неколку смартфони со Android кои го носат името Nokia. Досега немавме многу информации за планираните премиери, но Иван Блас (@evleaks) е подготвен да ни открие интересни детали од понудата на компанијата. Ако информацијата е точна, ќе треба привремено да се разделите со надежите за нов смартфон Nokia од висока класа. Од публикацијата за VentureBeat станува јасно дека во Барселона ќе ја видиме меѓународната верзија на моделот Nokia 6.

Како што знаеме тој не блеска со особено импресивен хардвер – 5,5 инчен full HD дисплеј, чипсет Snapdragon 430, 4GB RAM и 16 мегапикселна камера. Се очекува неговата цена во Европа да биде околу 249 евра. Другите два смартфони се со скромни карактеристики и ќе се продаваат по пристапни цени. Nokia 5 ќе го користи истиот чипсет, но ќе има 5,2 инчен дисплеј со резолуција 720p, 2GB RAM и 12МР основна камера. Цената би требало да биде до 199 евра. Nokia 3 ќе чини 149 евра, но засега нема детали за техничките особености.

Најинтересен уред кој се очекува може да биде друг нов телефон. Иван Блас наведува дека HMD Global се подготвува да претстави современа верзија на моделот Nokia 3310, кој беше претставен во далечната 2000 година и веќе има култен статус во однос на цврстината и на долгото времетраење на батеријата при едно полнење. Се очекува цената на телефонот да биде 59 евра, што најверојатно ќе освои многу обожаватели. Пресконференцијата на HMD Global во Барселона е закажана за 26 февруари, и местата за неа одамна се пополнети, што сугерира со каков интерес се очекува овој настан.

GOLD
To Top