Новости

Технологија

Facebook за прв пат објавува упатство за забранета содржина на оваа мрежа

Facebook денеска за прв пат ќе објави детални упатства, околу тоа што не е пристојно за објавување на оваа социјална мрежа, и тоа на 27 страници.

Помеѓу другото, забрането е, изнесување на кредибилни насилни закани или акти на сексуално насилство, промовирање на тероризам, обиди да се купи марихуана, да се продаде огнено оружје или продажба на лекови кои се добиваат на рецепт, објавување на упатства за самоповредување, прикажување на малолетници во сексуален контекст и друго.

Поголемиот дел од овие работи се веќе забранети на Facebook, во рамките на „стандардот на заедницата“, но тие се прилично широко дефинирани.

Денешните упатства ќе навлезат во детали.

Измените и дополнувањата на стандардите, ќе ги проследат правилата до кои 7.600 модератори се придржуваат при прегледување на сомнителни постови и при одлуките дали да ги отстранат од оваа социјална мрежа, а во некои случаи и да повикаат полиција.

Стандардите нема многу да се променат, но ќе бидат подетално разработени. Така, фотографиите со голи гради во некои случаи ќе бидат прифатливи, како доење или на слики, но во други ситуации нема да биде така.

Во документите детално стои што се смета за сексуално искористување на возрасни лица или деца, но се остава и простор за понатамошно заострување на критиките, ако се покаже потреба за такво нешто.

Бидејќи Facebook во својот сервис не дозволува сериски убиства, новите стандарди го дефинираат овој термин. Под него влегува секој кој извршил две или повеќе убиства. Едно убиство не е повод за бришење на нечиј профил.

Самото читање на упатството е приказ за тежината на работата на модераторите на Facebook.

Модераторите работат на 40 јазици. Целта на оваа мрежа е одлуката околу бришење на контроверзна содржина да се донесе за најмногу 24 часа, иако компанијата тврди дека не им наметнува временски ограничувања на модераторите.

Facebook со текот на времето правеше некои многу видливи грешки. На пример, групи за човекови права тврдат дека Facebook не реагирал адекватно на говорот на омраза и поттикнување на насилство кон муслиманите во Мјанмар.

Компанијата се повлече откако во 2016 година ја отстрани легендарната фотографија на Associated Press од 1972 година, на коja голо девојче вреска додека бега од напад во Виетнам.

Најпрво од оваа мрежа тврдеа дека не можат да прават исклучоци во врска со слики со голи деца, но потоа се премислија и соопштија дека фотографијата е од „глобално значење“.

Постојат и други „сиви зони“, на пример што точно се смета за политички протест? Како се знае дека лице на некоја фотографија се согласилo со нејзино објавување на Facebook?

Моника Бикерт од Facebook тврди дека тоа е главната причина за забрана за прикажување на голотија, бидејќи е тешко да се одреди одобрувањето од лицетo.

Дури и ако лицето прифатило да се снима или фотографира, тоа не значи дека истата личност прифатила и нејзините голи слики да се објават на Facebook.

За отстранување на содржина која ги крши прописите, Facebook користи комбинација од луѓе кои работат како модератори и вештачка интелигенција (AL).

Меѓутоа, AL алатките ни близу не се доволно развиени за да воочат суптилни разлики во контектст и историја, а посебно не во хумор и сатира, што би им овозможило да донесуваат одлуки еднакво прецизни како човекот.

GOLD
To Top