Новости

Здравје

Анализа: Социјалната изолација го зголемува ризикот од срцев и мозочен удар

Социјалната изолација го зголемува ризикот од срцев и мозочен удар за 40 проценти и ризикот од смрт од која било причина за 50 проценти.
Ова го покажала германската студија претставена на неодамнешниот виртуелен конгрес на Европската академија за неврологија (ЕАН).

Резултатите се особено значајни во однос на тековната социјална изолација на населението како резултат на пандемијата на коронавирус. Истражувањата исто така покажале дека немањето или отсуството на финансиски ресурси го зголемува ризикот од негативни кардиоваскуларни исходи.

Како дел од истражувањето, предводено од Др. Џанин Гронволд и проф. Дирк М. Херман од Универзитетската болница Есен, тие анализирале податоци собрани меѓу 4316 испитаници со просечна возраст од 59 години помеѓу 2000 и 2003 година.

Учесниците во студијата не страдале од претходно познати кардиоваскуларни заболувања на почетокот на студијата, а нивната здравствена состојба се следела во просек цели 13 години.

На почетокот на студијата, биле собрани информации за различни типови социјална поддршка, при што социјалната интеграција се проценува врз основа на брачниот статус и животот во заедницата, контакти со блиски пријатели и членови на семејството и членство на политички, религиозни, спортски или професионални организации.

„Веќе знаеме дека чувството на осаменост или недостаток на контакт со блиски пријатели и членови на семејството може да влијаат на физичкото здравје“, изјави д-р. Гронволд. „Оваа студија сугерира дека интензивните социјални односи се од големо значење за здравјето на срцето и можат да се споредат со вообичаените заштитни фактори, како што се нормален крвен притисок, прифатливо ниво на холестерол и нормална телесна тежина“.

Професорот Џокел, еден од научниците вклучени во студијата, изјави дека „ова набљудување е особено интересно поради мерките на изолација како заштита во пандемијата на коронавирус, кога социјалните контакти во многу држави се ограничени “.

За време на 13,4 години следење на учесниците во студијата, истражувачите забележале 339 негативни кардиоваскуларни исходи како што се срцев или мозочен удар и 530 смртни случаи.

Откако ги исклучија факторите што можеби придонеле за ваквите исходи, имено вообичаените фактори на ризик од кардиоваскуларни заболувања, тие откриле дека отсуството или немањето социјална интеграција го зголемиле идниот ризик од негативни кардиоваскуларни исходи за 44 проценти и предвремена смрт од која било причина за 47 проценти. Недостаток на финансии било поврзано со 30 проценти поголем ризик од срцев или мозочен удар.

„Сè уште не сме свесни за механизмот со кој осаменоста го зголемува ризикот од срцев удар, мозочен удар и смрт, но очигледно е дека интензивните социјални односи се исто толку важни за одржување на кардиоваскуларното здравје како и за одржување на крвниот притисок, холестеролот и телесната тежина“, рече проф.Херман.

„По оваа студија, појасно е дека влијанието на социјалните односи врз здравјето на поединецот треба да се сфати сериозно и треба да се откријат ефективни начини за решавање на проблемите со социјалната изолација, со цел да се подобри целокупното здравје и долговечноста“.

Извор

СН Брокер
To Top